Барселона повторно на колена пред Кралевите

По елиминацијата во полуфиналето на Копа дел Реј, Реал Мадрид уште еднаш славеше во „Ел Класико“ со конечни 2:1. Натпреварот го реши Серхио Рамос со погодок на 8 минути до крајот. Разликата помеѓу двата шпански гиганти во домашното првенство сега изнесува 13 бода.

Големото шпанско дерби го отвори Карим Бензема по само 6 минути игра. Младиот Мората кој доби шанса во стартниот состав за Кралевите, центрираше прецизно од левата страна, а заспаната одбрана на Барселона го остави сам францускиот напаѓач, кој непречен од никој погоди од само неколку метри.

На Каталонците не им требаше многу време да го возвратат ударот. Незапирливиот Меси многу лесно го надмудри Рамос и со силен удар во шеснаесетникот кој помина низ нозете на шпанскиот репрезентативец во 18 минута го израмни резултатот. Со тоа аргентинскиот ас го израмни рекордот на легендраниот Алфредо Ди Стефано кој има постигнато 18 гола на „Ел Класико".

До крајот на првиот дел фудбалерите на двата тима пропуштија по една сто процентна шанса. Најпрвин Меси од работ на шеснаесетникот упати слаб шут кој заврши право во рацете на Диего Лопез, а потоа Модриќ одлично асистираше до Мората кој со глава биеше до самата статива.

Второто полувреме почна со поголем жар и погруба игра и по нешто повеќе од 20 минути судијата покажа вкупно 6 жолти картони, по 3 на двете страни. Жозе Мурињо и покрај тоа што се реши да настапи со комбиниран состав во 58 минута ги внесе Роналдо и Кедира.

Португалецот се закани по само 6 минути на теренот со силен шут од слободен удар кој Валдез успеа да го одбрани. Најсериозната шанса ја имаше 20 годишниот Мората која во 75 минута излезе очи во очи со Валдез, но голманот на Барса му го прочита шутот.

Херојот на големиот триумф на „Сантијаго Бернабе" беше Серхио Рамос кој ја натскокна целата одбрана на Барса и со глава ги постави конечните 2:1, по изведениот корнер на Модриќ. Реал Мадрид беше блиску и до трет гол по изведениот слободен удар на Роналдо кој биеше во пречката.

Во последните мигови од средбата гостите бараа и пенал по очигледниот прекршок на Серхио Рамос над Адриано. Протестите продолжија и по последниот свиреж на судијата кој поради жесток приговор му даде црвен картен на Валдез.

На 224 меч помеѓу овие две екипи ова е 90 триумф за Реал Мадрид. Барселона има 86 победи, а 48 меча завршиле нерешено. 

2 март 2013 - 17:58