Сопственикот на шкотскиот фудбалски клуб Хартс почнал да го прави своето богатство во Литванија кога возел такси и од багажникот продавал шверцувани плочи со странска музика.
Подоцна Владимир Романов ја отворил првата приватна банка во Литванија која сега властите му ја затворија и му го запленија целото богатство, па тој тврди дека ќе му се врати на таксирањето.
„Истиот ден кога банката прогласи банкрот, властите ги замрзнаа моите сметки и картички. Ми останаа само парите што ги имав во џеб. Морав да позајмувам пари од пријатели и итно да продавам имот за да имам пари. Не знам што ќе правам понатаму. Можеби пак ќе возам такси", изави Романов чие богатство е проценето на 250 милиони фунти.
Романов е сопственик на Хартс од 2005-та година, а во 2009-та година од банкрот го спаси и најпознатиот литвански кошаркарски клуб Жалгирис. Веднаш откако беше затворена неговата банка тој ги продаде неговите акции од Жалгирис на неколку поранешни кошаркари, а се уште не е позната судбината на Хартс, како и на литванскиот фудбалскиот клуб Каунас чиј главен спонзор беше токму затворената банка.