Банерот The Chosen One со ликот на Мојс на него, стоеше на една од трибините на Трафорд од доаѓањето на Шкотланѓанецот во Јунајтед, до денес. По 9-месечно мачење и катастрофални резултати, Мојс во април беше отпуштен од Манчестер Јунајтед, кој во тој момент беше седми на табелата и не избори пласман во Европа.
Знамето ги чинело навивачите на Јунајтед 450 фунти, но клубот побарал од нив да го тргнат и да не го поставуваат веќе.
„Банерот уште стои во складиштето на стадионот. Клубот ни кажа да си го земеме, затоа што нам ни припаѓа, но ние уште не сме го земале од таму. Националниот фудбалски музеј беше заинтересиран да го откупи, но немале доволно простор, така што одлучивме да го ставиме на аукција за да собереме средства за хуманитарни цели“, изјави Ендрју Килдаф, член на групата која го изработила знамето за Дејвид Мојс.
Килдаф додаде дека ниту Мојс не бил импресиониран од тоа што го сметаат за избран наследник на Сер Алекс Фергусон, но резултатите од анкетата минатата година покажале дека публиката го одобрува знамето.
„Во минатото на аукција продадовме неколку знамиња, еднаш заработивме 2.000 фунти од продажба на легендарниот банер во чест на Оле Гунар Солскер. Добро би било ако направиме нешто слично и со The Chosen One“, вели Килдаф за Телеграф.
Групата во меѓувреме соопшти дека собира пари за нов банер, на кој ќе бидат нацртани Боби Чарлтон и Брајан Робсон, легендите на клубот.