Балканските топџии се острат за дербито

Јувентус - Рома, големото дерби за чие ривалство во Италија снимаа и неколку филмови се игра во сабота од 20:45 на стадионот на Јуве. Миралем Пјаниќ и Александар Коларов би можеле да бидат во главната улога на овој меч.

Миралем Пјаниќ во Серија А досега постигнал 14 голови од слободен удар, како во дресот на Рома така и за Јуве. Ништо помалку нема ниту Србинот со силната левица.

Потекнуваат од различни места како што им се различни и улогите на теренот и посилната нога за шут. Во ситуација кога Јувентус има ѕверски напад а Рома добар бункер и слабо прима голови, не би изненадило ако крајниот исход го решат Балканците Миралем Пјаниќ и Александар Коларов.

Босанецот, поранешен играч на Рома, сега во Јуве како Бенатија, се израмнил со Марадона на вечната листа по бројот на голови од слободен удар во Серија А, а враќањето на Коларов во Рим одново донесе невидена левица во лигата.

МИРЕ ПИЈАНИСТОТ

„Пијанистот“ беше лидер во Рома како што е и сега во Јувентус. Токму Мире Пјаниќ даде ефектен гол од слободен удар и тоа од аголот на шеснаесетникот од каде го изненади Миранте.

Во последните години Босанецот дал 14 гола од прекин во Серија А. Пјаниќ за Рома претходно одигра 185 средби и даде 30 гола од кои 12 директно од слободен удар што го прави специјалист во Италија и Европа.

Не случајно е мајстор затоа што порасна во Лион покрај големиот Жунињо Пернамбукано, можеби најдобриот познавач на материјата со 75 гола од слободен удар во кариерата. Бразилецот имаше аналогна механика и репертоар на слободни како Андреа Пирло. Убав гол од слободен даде Миралем и против Спортинг во Лигата на шампионите.

„Се посветувам секогаш на слободните, ми станаа една од навиките. Работам за да одржам постојаност. Изгледа лесно но не е така. Сигурно дека сум подобрен благодарение на мојот престој во Лион“, вели репрезентативецот на БиХ.

Пјаниќ од Жунињо научил да се врати три чекори зад топката и да шутира со помалку фелш но посилно и побрзо: ефектот topspin ја крева топката која наеднаш паѓа и им прави мака на голманите.

Омилена позиција му е од 16 до 25 метри од голот. Во црно-белиот дрес даде пет гола од слободен, а во овој дрес е прв во хиерархијата како што не беше во Рома кога на теренот беше Тоти. Сега со Дибала, Пјаниќ е прв одговорен за слободните.

„Додека ја местам топката го гледам голот е барам од двајца соиграчи да застанат до него како да ќе изведуваат тие. Веќе го имам правецот во глава, треба техника и малку итрина зошто голманите веќе нè знаат. Треба да знаеш да смениш нешто“, вели Пјаниќ.

Формулата скоро секогаш му е успешна, како на пример егзекуцијата против Киево минатата сезона:

ЛЕВИЦАТА НА АЦО

Само Пирло и Џовинко се фудбалерите кои во Серија А давале гол „на фора“ со шут по земја под живиот ѕид.

Коларов со силниот шут ги потсеќа тифозите на Рома на Џон Арне Рисе кој биеше како топ. Идол и ментор на Србинот му беше Синиша Михајловиќ, негов пријател уште по доаѓањето во Рим во 2007-ма кога заигра за Лацио.

После голот од слободен против Аталанта на дебито (после 7 години во Манчестер Сити), Коларов постигна убав гол и против Торино на гости кога го матираше Салваторе Сиригу пред очите на Синиша Михајловиќ:

Левиот бек на српската репрезентација досега сезонава има 3 гола и 7 асистенции во Серија А и Лига на шампиони.

Во дресот на Рома ја живее својата втора младост. Коларов влезе на вечната листа на специјалисти за слободни во Серија А: Од Дел Пјеро до Рекоба, од Михајловиќ до Адријано, Зико, Платини, Баџо, Ѕола и Пирло.

Михајловиќ е рекордер со 28 голови од слободен пред Пирло кој даде 27. Пјаниќ и Марадона постигнаа по 14 голови со тоа што Босанецот сигурно наскоро ќе го надмине легендарниот Аргентинец.

Што се однесува до Синиша, тој како да имаше динамит во ногата и неговиот шут стигнуваше и до 165 км/ч со чиста прецизност. Голот после најсилен удар од слободен, Синиша го даде против Сампдорија во дресот на Лацио на 13. декември 1998 година, рекорд кој и натаму љубоморно опстојува во Серија А. Балистички рекорд.