Сте слушнале ли за Гаранг Коул? Многумина за прв пат го дознаа ова име кога го видоа на листата на играчи кои ќе ја претставуваат Австралија на СП во Катар.
Добрите познавачи на Премиер лигата го познаваат од пред два месеци кога Њукасл објави неколку фотографии од него на Сент Џејмс Парк. Со црно белиот дрес штотуку донесен од централниот брег Маринерс во Госфорд, Австралија.
Сите го гуглаа, а сликите ги носат на Ол стар мечот меѓу тимот составен од ѕвездите на австралиската лига, тренер Двајт Јорк против Барселона.
Каталонците победија 3:2, а на половина час до крајот во игра влегува анонимниот Коул и прави шоу. Прво добива топка и со трк од средина поминува тројца, стигнува до гол и за малку промашува.
Во вториот обид му сече топка на Жорди Алба, влегува во опасна зона за шут и одново опасно се заканува кон гол.
На крајот од натпреварот Чави оди да му подаде рака и малиот излегува од анонимност.
Гаранг Коул е роден во 2004-та во бегалски камп во Египет, каде неговото семејство дошло од Судан, бегајќи од страшен конфликт.
Една година подоцна татко му и мајка му, заедно со своите седум деца ги испраќаат во Шепартон во Нов Велс, еден од најголемите овоштарници во Австралија.
За да преживеат, родителите собираат праски и перат алишта, а децата го откриваат фудбалот и му се восхитуваат на националниот тим предводен од Марк Брешано и Тим Кејхил.
Ѕвездата што почнува да свети е онаа на брат му Алу, роден 2001-ва, универзален напаѓач во стилот на Рашфорд. Во текот на денот тренира, навечер работи во кујната на еден ресторан, а за време на викендите се труди да се покаже во локалните лиги.
Во меѓувреме, Гаранг расте во Гулбурн Санс, полупрофесионален тим од Шепартон, каде набрзо станува мала локална атракција, затоа што што претходно не виделе дете кое правила разлика во играта со возрасните.
Еден ден на 15 годишна возраст го ставаат да игра во првиот тим против Данденонг Сити, тим полн со повеќе од 30 годишни професионалци. Влегува во игра и го дроби во дуел еден на еден Адријан Лејер, инаку поранешен репрезентативец на Австрија и член на Фулам.
По завршувањето на мечот, неговиот тренер му оди на Саша Огненовски, поранешен австрилиски репрезентативец и тогашен тренер на Данденонг, кој патем има потекло од Македонија и Среќко Катанец на времето го повика за нашата репрезентација.
Од Огненовски барал да му помогне да го однесат во вистински тим, бидејќи постоела опасност фудбалските соништа на Гаранг да згаснат. Проблемот е австралискиот фудбалски систем во кој играњето чини 2.500 долари годишно како данок по глава на жител.
Сума која колку отиде повисоко во австралискиот фудбал, така се зголемува, а многумина не можат да си ја дозволат.
Гаранг, како и Алу, немаше да успеаат ако не добиеле голема поддршка од заедницата во Шепартон, која им помагала на родителите во тешки моменти, дозволувајќи им на децата да го исполнат својот сон.
Гаранг му се приклучува на брат му во Централ Коуст Маринерс и по една година во академијата, дебитираат за првиот тим. Гаранг само во месец април на 9 средби дава 4 гола, сите од клупа.
И покрај тоа што нема одиграно сениорски меч како стартер, тој е меѓу првите во Австралија по сооднос дриблинг/минути. Најмладиот скапоцен камен по Кјуел, добива повик за репрезентација од страна на селекторот Грахам Арнолд.
Тој влегува на дербито против Нов Зеланд и ја прави акцијата од која се случува пенал за 2:0. Фудбалски е сè уште енигма, бидејќи ги игра сите напаѓачки улоги. Мешавината на сила во нозете и контролата на брзината, не го ограничуваат да се развива.
Неговите тренери обожаваат да му ги цитираат способностите:
„Ти го прашуваш нешто дали може и тој го прави тоа. Тој ја сака оваа игра и е сунѓер што постојано учи“.
И веројатно тоа е она што му помогна да стигне до дресот за Мундијалот во Катар и да ја победи конкуренцијата. Го има таканаречениот X Factor.
По искуството на Светско на само 18 години, го чека нова голема сцена, а тоа е Премиер лигата каде стартува во Њукасл во 2023. Во Европа се докажува и брат му Алу кој е член на Штутгарт, каде се бори да влезе во прв тим.