Перфектен крај на фудбалската година за Баерн Минхен. Актуелниот европски шампион стана и владетел на светот откако триумфираше во финалето на Светското клупско првенство против Раџа Казабланка.
Баерн Минхен стигна до третата светска титула со рутинска победа од 2:0, а стрелци на головите уште по првите дваесетина минути беа Данте и Тиаго Алкантара.
Баварците потврдија дека во моментов се најдобри на планетата, откако станаа првиот клуб во историјата кој во една година освоил пет големи трофеи. Баерн Минехн оваа година го освоија Светското клупско првенство, Бундеслигата, Купот, Лигата на шампиони и европскиот Суперкуп.
Во натпрварот за третото место, бразилскиот клуб Атлетико Минеиро го совлада кинескиот Гуангжу со 3:2.