Аукција за предметите на Марадона, највредниот дрес чуван во музеј

Во среда на 9. декември во 14:30 ќе се одржи една од неколкуте аукции со вредни предмети од Марадона и Пеле. Интересот е огромен, неговиот дрес од мечот со „Божја рака“ проценет на 2 милиони долари но сопственикот не би го продавал.

По смртта на големиот Диего, полека се комплетираат највредните предмети од неговата играчка и тренерска кариера. Особена вредност имаат оние од неговите први настапи во Европа.

На настанот „Спорт Меморабилиа“ во аукциската куќа Асте Болафи во Торино, закажан онлајн за во среда од 14:30, ќе има околу 250 предмети поврзани со Марадона, велосипедистот Марко Пантани, Пеле, Џиџи Рива, Ривелињо, Карлос Алберто и др.

КУЛМИНАЦИЈА НА АУКЦИЈА ЗА 6 ДРЕСА НА МАРАДОНА

На презентацијата на предметите, претставени се дрес од Бока кој го носел Диего, како и легендарен негов дрес од Барселона за која потпишал веднаш по Светското првенство 1982. Овој дрес од каталонскиот гигант е проценет од 5.000 до 7.000 евра.

„Спорт Меморабилиа“ по редот на кариерата на Марадона, на аукција ќе стави и три дреса на Наполи чија поединечна вредност движи од 2.000 до 10.000 евра. Најскап од овие е дресот кој Диего еднаш му го дал на масажерот на Наполи за да му го подари на фудбалерот Роко Де Марко на кој Аргентинецот му го ветил претходно.

Ќе има наддавање и за дресот на Наполи кој легендарниот „El Pibe“ му го поклонил на еден функционер на Интер после мечот на 16 март 1986-та. Заинтересираните страни ќе можат да купат и дрес од Аргентина кој Диего го носел во репрезентацијата во 1993-та.

ДРЕСОТ ОД КУЛНИОТ МЕЧ СО АНГЛИЈА ПРОЦЕНЕТ НА 2 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Од стотици предмети кои Диего ги поседувал во текот на кариерата, највреден е оној од фамозната победа над Англија од 2-1 во четвртфинале на Светско првенство 1986 кога Марадона ги постигната двата најпознати гола во историјата на фудбалот („Божја рака“ и оној кога предрибла пола англиска репрезентација).

После мечот во еуфорија Диего му го дал на англискиот репрезентативец Стив Хоџ во соблекувалните на стадионот „Ацтека“ во Мексико Сити.

Хоџ решил дресот да биде чуван во Националниот фудбалски музеј во Манчестер каде стои ден-денес. Многу познати светски аукционери тврдат дека овој дрес би можел да достигне огромна сума на евентуална аукција.

„Искрено тешко е да се процени вредноста на дресот „Божја рака“, но знам дека наводно сопственикот барал 2 милиони долари за приватна продажба. Сигурно може да вреди толку, вредностите скокнаа бајаги во фудбалот“.

Хоџ пред неколку години можеби и се двоумел дали да го продаде дресот за многу пари.

Но денес...

„Тотално е погрешно и е непочит. Не е за продажба. Го имам 34 години и ниту еднаш не сум ни пробал да го продадам или да барам цена, дефинитивно не во овој момент. Сакам да го имам. За мене е има неверојатна сентиментална вредност зошто беше на врвот на мојата кариера на 23 години“, вели Стив Хоџ (58) кој на тој култен меч играше во одбраната на Англија и токму после негова неспретна реакција топката фати чуден лет па Марадона со рака го доби дуелот со голманот Шилтон и ја смести топката во мрежа за 1-0.

ПРЕДМЕТИ ПОВРЗАНИ СО ПЕЛЕ, ЏОРДАН, МЕСИ, ЏИЏИ РИВА, РОНАЛДО, МАРКО ПАНТАНИ

Правите љубители на вредни предмети ќе имаат можност на оваа аукција да наддаваат и за дресот на Пеле од Бразил сезона '70-'71, потпишана од Карлос Алберто и Ривелињо (проценета од 7.500 на 10.000 долари).

Ќе биде изложен и дресот на Џиџи Рива од Каљари '69-'70 (5.000-7.500 евра), дрес на Мишел Платини од сезона 83'-'84 (5.000-7.000 евра).

На аукцијата ќе има и дресови од Џорџ Бест, Кристијано Роналдо, Гаетано Ширеа, Лео Меси, Џампјеро Бониперти и други.

Во Италија голем интерес има и за велосипедите на Марко Пантани, некогашниот најдобар велосипедист на светот. На ауцкијата ќе има 2 велосипеди кои Пантани ги возел на Тур Де Франс и Олимпијадата во Сиднеј 2000 (проценети се од 25.000-30.000 евра поединечно). Ќе ја има и триумфлната жолта маичка од Тур де Франс, две розеви маички од 81. издание на Џиро Д'Италија од 1998 со кој „Пиратот“ стана славен.