Аталанта изгази сезонава за сите пари и заслужено ќе игра ЛШ

Секоја чест за владетелот Јувентус, но оваа сезона аплаузите ги собра клубот од Бергамо кој има 23 борци кои направија дар мар во Италија. Дечките одиграа фантастично до крај и скроз заслужено обезбедија дебитантски пласман во елитата.

ИСТОРИСКА СЕЗОНА НА РЕКОРДИ

Бергамо е град со околу 120.000 жители. Епа 20.000 од нив на 15 мај беа на Олимпико во Рим и 90 минути грла оставија за да ја бодрат Аталанта во финалето на Купот на Италија кој го доби Лацио со 2:0.

Бандата на Гасперини сезонава не освои трофеј, но има ли поголем трофеј од нивниот историски пласман во Лига на шампиони прв во 111 годишната историја.

За таму се бореа двете екипи од Рим и Милано, но бајката за Аталанта која се раскажуваше во текот на цела сезона сега е комплетна, па во елитното друштво претставници од Италија ќе бидат тие заедно со Јуве, Наполи и Интер.

Па уште и завршија трети со 69 бода, исто колку Интер, што е нивен најдобар пласман во првата лига. Но рекордите не застануваат тука. Аталанта не само што го шокираше Јуве во полуфиналето на Купот, туку може да каже дека го освоила Скудеотото, ама во вториот дел од сезоната.

Освои 41 бод, 3 повеќе од Јувентус, а за ефикасноста да не правиме муабет. Имаат вкупно 103 постигнати гола на сите натпреварувања од кои со 77 се први во Серија А. Наполи има 3 помалку, Јуве 7, Интер 20.

ГОЛГЕТЕР НА НИВО

Моќта на Аталанта е толку голема бидејќи голем дел од заслугите одат кај Дуван Ѕапата.

Колумбиецот кој ги чинеше 26 милиони евра е нивното најскапо засилување во историјата. Го критикуваа дека не го бива, ама стаса до 23 гола и 7 асистенции. Ќе беше најдобар стрелец ако Кваљарела не подивеше на стари години и не постигнеше 26 комада.

Во првите 10 кола го немаше никаде, но потоа се отвори и не застана. 16 од нив му се пред своите навивачи. Ѕапата постигна и 3 погодоци во Купот на Италија и 2 во Лига Европа и во овој налет на Аталанта не застана.

ДВОЈНА БРЗИНА

Не дека е импресионирачки, но сепак е факт кој треба да се спомене. Аталанта ја почна сезоната прва, уште на 4 јули 2018-та кога играше квалификации за Лига Европа (потоа елиминирана во плејоф од Копенхаген).

Тоа значи дека сезонава имаат истрчано најмногу од сите. Први почнале да се загреваат или први почнале да се уморуваат, како сакате.

Гасперини знаеше како да го искористи и одличниот Иличиќ (13 гола и 7 асистенции), потоа да го вреднува централниот дефанзивец Џанлука Манчини, да ги трансформира Холанѓанецот Ханс Хатебур и Белгиецот Тимоти Кастањ во стрели по бочните позиции и да му го “продолжи животот“ на Папу Гомез, менувајќи му ја позицијата на 31 години. 11 гола за него на сите натпреварувања.

Многу мастраф има во овој тим.

СТАТИСТИКА

Аталанта сезонава се издвојува како еден од најдобрите италијански клубови по многу параметри. Имаат во просек по 55,6% посед на топка по натпревар, трета после Наполи и Интер, но пред Милан и Јуве.

16,9 удари во рамки на гол, втора после Наполи, 84,1% успешни додавања и 52,9% освоени дуели (четврта).

Пред неполни два месеци за 15 минути го водеше Киево со 4:0, најбрзо гол шоу невидено во Италија од 1932-ра година.

Зборуваме за екипа која сезонава загубила само два пати на 12-те дуели со топ 6-те екипи од Серија А. Како да не кажеме дека се херои кои заслужено ќе играат во ЛШ.

Рома – Аталанта 3:3/Аталанта – Рома 3:3
Милан – Аталанта 2:2/Аталанта – Милан 1:3
Аталанта – Интер 4:1/Интер – Аталанта 0:0
Аталанта – Наполи 1:2/Наполи – Аталанта 1:2
Аталанта – Лацио 1:0/Лацио – Аталанта 1:3
Аталанта – Јувентус 2:2
/Јувентус – Аталанта 1:1

27 мај 2019 - 13:10