Астон Вила, славниот клуб од Бирмингем пред само пет години играше во Чемпионшип, а сега обезбедија пласман во Лига на шампиони. И тоа во каква страшна конкуренција во Премиер лигата.
Опкружени од силни конкуренти со буџети од речиси милијарда фунти, долари, евра... Но Вила имаше нешто што другите го немаа - рецептурата на врвниот Баскиец.
УНАИ ЕМЕРИ Е ТВОРЕЦ НА УСПЕХОТ
Пред две години Астон Вила ја тренираше Стивен Џерард кој дојде силно мотивиран по големите успеси со Ренџерс на кој му ја врати круната после долги години.
Џерард во есента 2022-ра доби отказ затоа што Астон Вила во тој момент играше слабо и беше на 17-то место. А Џерард доби пристоен тим, потрошија 70 милиони евра за Филипе Кутињо без да биде свесен дека овој е во нагол пад на кариерата. Од Севиља дојде стоперот Диого Карлос кој бил ровит, повреден.
Почнала резултатска криза а Џерард не можел да ја контролира. Управата брзо реагирала и на негово место го постави Унаи Емери. Баскиецот дојде од Виљареал со кого веќе почна да бележи сјајни резултати. Ризикуваше ново рушење на репутацијата во Англија како што му се случи додека го водеше Арсенал.
Емери самоуверено ја затегнал екипата и во првиот меч на дебито го победи Манчестер Јунајтед. Ја скоцкал одбраната и остварил дури пет победи по ред! Ваква серија Астон Вила немала уште од 1998-ма.
Навивачите паднале во еуфорија - наместо за опстанок сега наеднаш се борат силно за еврокупови.
Во февруари 2003-та година Атлетик објавил подробен текст за промените кои ги внел Унаи Емери: долги видео анализи на натпреварите, детална тактичка анализа на противникот и внимание на ситни детаљи. Емери минувал доста време меѓу натпреварите во хотел каде со часови гледал видео снимки од дуелите на секој нареденривал со цел да пронајде предност на него.
„Тој е еден од оние тренери кои знаат што сакаат од играчите“, рекол одличниот крилен напаѓач Леон Бејли и додал: „Важно му е да знае дека секој играч вклучувајќи ги и резервите, треба во секој момент да знаат што треба да прават на теренот. Подготовките на Емери за поединечни натпревари ги опишал и ветеранот Ешли Јанг: „Тренерот вложува многу труд во тактичката подготовка, спремајќи се за секој конкретен меч во текот на цела недела.“
Унаи Емери ова го гради пак заедно со легендарниот Мончи со кого се споиле повторно пред почетокот на оваа сезона. Со Севиља тие двајца ја покорија Лига Европа со рекордно освоени трофеи.
ЅВЕЗДИ НА АСТОН ВИЛА СЕ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦОТ ВОТКИНС И ГОЛМАНОТ ЕМИ МАРТИНЕЗ
Уште еден феномен на Унаи Емери е односот со играчите. Унаи многу фудбалери довел на топ ниво. Претходно тој важел за резервиран тренер. Додека бил во Виљареал почнал да ја менува психологијата, почнал почесто да разговара со екипата.
Гледале видео снимки со играчите, па понекогаш им вадел фотографии од нивните грешки со цел подобро да им ги објасни. Ако фудбалерот покаже желба да напредува под негов надзор, тогаш тој му планира и индивидуална работа и надвор од теренот разговара со него.
Системот на Емери во прв план го издигна центарфорот Оли Воткинс кој помалку се движи и троши во напад но затоа растури со 27 гола и 13 асистенции во сите натпреварувања. Унаи Емери му нацртал зона на делување - стриктно во периметар на казнениот простор. Воткинс под Емери стана еден од најдобрите напаѓачи во Премиер лига и скоро сигурно ќе оди на Евро 2024.
Втора ѕвезда на екипата е лудата глава - голманот Емилиано Мартинез. Светскиот шампион со Аргентина кој правеше чуда во финалето против Франција но со неговиот однос стана најомразен голман во познатите лиги. Сезонава Мартинез дури 9 пати ја сочувал мрежата односно не примил гол. Мартинез е двигател на тимот.
Емери за него вели: „Тој игра решавачка улога на многу натпревари. Секако дека е еден од најдобрите голмани на свет. Втор дали е? Трет дали е? Не, за мене е најдобар“, рекол Унаи Емери за својот голман.
Капитен на екипата е 29-годишниот Џон Макгин кој игра во среден ред а сега на „стари години“ ја одигра сезоната на кариерата со шест гола и четири асистенции. Тој е мотор на тимот, а со него во средниот ред доминираат и Јури Тилеманс и Дуглас Луис.
Бразилскиот репрезентативец одигра добра сезона иако промаши пенал во полуфиналето на Лига Европа со Олимпијакос. Астон Вила таму ја плати сметката од напорната сезона во Премиер лига и со вкупен резултат 2:6 изгуби од грчки Олимпијакос (тренер исто Шпанец - Хозе Луис Мендилибар).
Други важни карики во тимот се Николо Ѕаниоло, Леон Бејли и Муса Диаби кој дојде од Баер Леверкузен. Во отсуство на повредениот лидер во одбраната Тајрон Мингз, командант стана Ери Конс а на Англија брзо се адаптираше и Пау Торес кој дојде од Виљареал. Уште еден Шпанец во тимот е Алекс Морено кој достојно конкурира за лев бек со Лук Диње.
Десен бек е полскиот Англичанец Мети Кеш кој игра за Полска и 22-годишниот Џејкоб Ремзи кој во моментов е најбарана „роба“ на пазарот.
АСТОН ВИЛА ИМА И ПЕХАР ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ
Астон Вила во Куп на европски шампиони (КЕШ) била како шампион на Англија. После славјето на титулата, 1981-ва тренерот Рон Сондерс цело лето барал нови играчи а го добил само Енди Блер од Конентри. Во меѓувреме и полицијата отворила истрага за тогашните шефови на Астон Вила кои се сомничеле дека ги проневериле парите добиени за прво место.
Во таков амбиент Астон Вила дебитирала во Куп на шампиони.
По триумфот 5:0 дома против исландски Валур одлетале за Рејкјавик. Играчите се запознавале со градот, па и пивнале по некое пиво вечерта, но утрото се разочарале кога го виделе дека помошникот тренер ќе води кондициски тренер.
На крај Вила славела 0:2 на стадионот близу фабрика за риби. Бекот Алан Еванс се жалел дека никогаш не играл покрај таква смрдеа во кариерата.
Три недели подоцна Вила се нашла пред „Железната завеса“. Во Источен Берлин се сместиле во хотел близу Брандербуршката капија а при екскурзијата го посетиле и бункерот на Адолф.
Со победа 1:2 на гости и 1:0 дома, Астон Вила влегла во четвртфинале. Тренерот Рон Сондерс постојано се жалел на услови од управата, а во февруари 1982-ра година дал оставка на три недели пред првиот меч со Динамо Киев во четвртфинале на Куп на европски шампиони.
Екипата му ја довериле на искусниот Тони Бартон, а тој на себе го понел сиот навивачки гнев против управата. За разлика од Сондерс кој бил гласен и бурен, неговиот наследник работел тивко и скромни, но не ја менувал ни за педа тактиката и во првенството на Англија почнал со шест меча безп ораз.
На 11 дена до првиот меч со Динамо било објавено дека мечот поради замрзнат терен и силен мраз во Киев ќе се игра во Симферопољ. Англичаните не верувале многу во советската кујна од разно-разни причини, па со себе понеле 150 стека, 72 јајца, неколку вреќи компири, леб, овесни снегулки, чај и кафе. Голманот Џими Ример се сеќавал еднаш дека Астон Вила тогаш тренирала на територија на псијатриска болница, а од страна ги гледале пациенти во пижами.
На крајот мечот со Динамо Киев завршил без голови.
После триумф на реваншот од 2:0, Вила отишла на силниот Андерлехт во полуфинале. Од 1976 до 1984-та Андерхелт дури пет пати играл во финалиња на разни еврокупови. Белгијците биле големи фаворити, но тимот на Бартон одново се одбранил на гости, не примил гол и во Бирмингем славел благодарение на голот на Морли.
Андерлехт се жалел во УЕФА тогаш за упад на англисктие навивачи на терен за време на мечот и барал преигрување, но Астон Вила се извлекла со казна еден меч играње без публика во следната сезона.
На големото финале со Баерн Минхен во Ротердам дошле околу 11.000 навивачи од Бирмингем. Играчите на Вила лутале по град и ги запоседнувале баровите. Повторно морале да играат мамурни како во Рејкјавик пред пар месеци. Во 9’ минута мамурлукот се претворил во страв кога голманот Џими Ример доживеал повреда вратот, а на негово место влегол резервниот Најџел Спинк кој за пет години само еднаш бранел.
Спинк толку цврсто се навикнал од клупа за резерви да ги гледа натпреварите што во тој момент кога првиот голман Ример излегувал од теренот се запрашал себеси: „А кој ли ќе влезе сега“? Го подразбудил репортерот на англиската телевизија Гари Њубон кој свикал: „Спинки ајде влегуваш!“
Тогаш Баерн Минхен играл во страшен тим со Румениге, Ули Хенес, Брајтнер, Аугенталер, Гинтер, но Астон Вила со гол во 67’ минута стигнала до гол кој на крајот значел победа и шампионски пехар во Куп на европски шампиони.
41 година Астон Вила повторно ќе игра во Лига на шампиони, со најдобрите. Ова ќе биде можност илјадници навивачи на Вила меѓу кои и принцот Вилијам, да патуваат на еврогостување ширум континентот.
Делириум на забавата на Астон Вила, со шампањско го славеа влезот во ЛШ