Привлечната и веќе славна физиотерапевтка на Челси Ева Карнерио не е нашата тема за пишување. Сте слушнале ли вие за Русинка Марина Грановскаја? Таа е всушност Адријано Галијани во Милан, но тешко дека сте ја виделе, бидејќи ја нема пред камери.
Грановскаја дипломирала на државниот универзитет во Москва во 1997 година и од тогаш веќе 17 години е верна сенка на Абрамович. Најпрво почнува да работи во неговата нафтена компанија како асистентка, но откако во 2003 година тој станува сопственик на Челси, во Лондон ја зема и неа.
Нејзиниот напредок во работата, во јуни 2013-та и носи функција во бордот на директори во клубот, а од тогаш станува и главна ѕверка во трансфер политиката.
Абрамович на почеток милионите за нови играчи ги вадеше како да ги берел на дрво, но сега тоа се контролира благодарение на 39 годишната Марина. Таа одлично владее со политиката купи/продај, а го следи и финансискиот фер-плеј кој го наметна УЕФА.
Жозе Мурињо покажува со прст, Абрамович го одврзува ќесето, а Марина оди да пазари. Таа всушност го врати Португалецот на Стемфорд Бриџ, а минатиот месец во Лондон го донесе Хуан Куадрадо од Фиорентина за 33,4 милиони евра.
За да не се прекршат правилата на фер-плејот, претходно заврши три успешни операции со играчи на кои не сметаше Мурињо. Египќанецот Мохамед Сала го прати на позајмица во Фиорентина, а Челси ќе му дава плата до лето.
Од Рајан Бертранд направи одличен пазар и му го продаде на Саутемптон за скоро 13 милиони евра. Буџетот најмногу го наполни со Андре Ширле кој и покрај квалитетот ретко добиваше шанса во прв тим. Во 2013 година во Лондон пристигна за 24 милиони евра, но изненадува сумата за која успеа во јануари да му продаде на Волфсбург, а тоа е 32 милиони евра.
Грановскаја успева и од фудбалерите кои се најчесто на клупа, да му донесе заработка на клубот.
Случајот со германскиот репрезентативец не е нејзината единствена паметна зделка. Минатото лето беа инвестирани големи пари за Диего Коста и Цеск Фабрегас, но за возврат од ПСЖ за Давид Луиз стигнаа на сметка 50 милиони евра, сума која не вреди баш за бразилскиот стопер.
Шест месеци претходно во касата на Челси легнаа одлични 45 милиони евра од продажбата на Мата во Манчестер Јунајтед и 35 милиони евра за Лукаку кој замина за Евертон.
Само од продажбите на Ширле, Луис, Мата и Лукаку, челичната Марина во два преодни рока по ред на газда Абрамович му донесе околу 162 милиони евра. Со ваков начин на работа, Роман ништо чудно и прстен да и извади.