Арсенал го допре дното

Проблемите на Арсенал се продлабочија откако во вторникот „топџиите" беа елиминирани од Лига Купот од екипата на Брадфорд која игра во англиската 4-та лига.

Вообичаено Арсен Венгер ги одмора своите ѕвезди на натпревари од ваков тип, но оваа сезона Арсенал го имаше најлошиот старт во Премиер лигата од неговото назначување од 1996-та година, па тој не смееше да ризикува и овој пат се реши да игра со првиот тим.

И покрај тоа што играа Казорла, Вилшир и Подолски, Арсенал не успеа да упати шут во рамките на голот се до последните 20 минути.

Но ништо не му помогна на Венгер. Арсенал загуби од 4-то лигашот Брадфорд кој е пласиран на 64 позиции пониско во англиската фудбалска пирамида.

Како и секогаш, Венгер не презеде одговорност за елиминацијата од клуб кој игра три лиги пониско. Не го обвинува својот тим и не се обвинува себеси. Сите добро си ја вршат работата, но од некоја непозната причина Арсенал освои само 50% од бодовите во Премиер лигата оваа сезона.

Рекордни 23.971 гледачи ја прославија елиминацијата на големиот Арсенал, а Брадфорд постави и уште еден рекорд. Клубот кој пред 11 сезони играше и во Премиер лигата, а сега е паднат во 4-та лига, 9 пати по ред победува по изведувањето на пенали.

12 декември 2012 - 09:14