Ветеранот кој знае дека дома си е дома

Замислете го Раул се враќа во Реал Мадрид, станува прв шпиц и подобар од кога и да е. Нереално звучи, но таквиот пат успешно го оди ветеранот Ариц Адуриц во Билбао кој со 35 години чука на вратата на шпанската репрезентација.

Многу навивачи на Атлетик Билбао би се насмеале ако пред пар години им кажевте дека Ариц Адуриц ќе се брка на листата најдобри стрелци со Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Луис Суарез. Но тој се брка.
 
Наскоро ќе наполни 35 години, но и натаму е страшен шпиц кој даде повеќе голови од Меси, Суарез, Бензема и Нејмар сезонава. Оние што не гледаат редовно шпански фудбал, сигурно се прашуваат кој е тој Ариц Адуриц?
 
Во убедливиот триумф од 5:2 против Еибар минатиот викенд, Адуриц го постигна 25-от гол во сите натпреварувања сезонава. Ѕвездата на Реал Роналдо е единствениот што дал повеќе во однос на одиграните натпревари. Но не се само головите тие што го прават Баскиецот неверојатен центарфор.
 
Ставот, смелоста и егзекуцијата во неверојатниот гол со ножички против Еибар веројатно ќе биде прогласен за гол на годината.
 
Адуриц се врати во Билбао по трет пат во 2012-та година, откако не успеа да ги убеди челниците во својот талент како помлад, поради што го позајмуваа во Бургос и Реал Ваљадолид. Неговото прво враќање го одбележа феноменалниот Фернандо Љоренте поради кој ветеранот немаше простор. Играта на Атлетик Билбао со Љоренте како единствен шпиц, значеше дека Адуриц ќе треба да бара првотимски фудбал во Мајорка и во Валенсија.
 
Сепак, Роберто Солдадо се врати на Местаља и го врати Баскиецот меѓу своите на Сан Мамеш. Му тргна не само во Шпанија, туку и во Европа. Шесте голови во групната фаза го направија прв стрелец во Лигата на Европа.
 

За репрезентацијата одигра само еднаш и тоа од клупата за резерви против Литванија во октомври 2010. година. Во декември лани, селекторот Дел Боске на прашањето дали би му дал шанса на Баскиецот изјави:
„Можеби ќе добие шанса во месец март, затоа што во декември и јануари не можеме да викаме никој“, најави Дел Боске можно враќање на Адуриц во Фуријата.
Ариц Адуриц отсекогаш бил популарен меѓу навивачите на Атлетик Билбао, така што добро го прифатија и по трет пат. Но дури и неговите најголеми поддржувачи се изненадени од неговата експлозија сезонава. Тој стана најзначаен играч на клубот, а по хет-трикот против Барса во Супер Купот што значеше прв трофеј за Билбао од 1984. година просто го гледаат како цар.
 
Во шпанската Ла Лига даде 13 голови на 20 натпревари. Во Лига Европа постигна досега 6 на 8 меча, во шпанскиот Супер Куп даде 4 на 2 меча, а во Копа дел Реј 2 пати ги матираше голманите на 4 средби. Вкупно 25 голови на 34 средби, неверојатен учинок.
 

Доколку продолжи вака, ништо чудно шпанскиот напад на ЕП 2016 да го предводи 35-годишен играч кој ја живее втората младост.