Да ги имаш Рохо од Манчестер Јунајтед, Забалета, Отаменди и Агуеро од Манчестер Сити, Маскерано и Меси од Барселона, Дибала и Игуаин од Јувентус, Ди Марија од ПСЖ, Биља од Лацио, Банега од Интер и Лавеци и да дозволиш да ти виси учеството на еден Мундијал е жива срамота и за фудбалерите и за селекторот и за федерацијата и за навивачите.
Аргентина синоќа загуби од Боливија и повторно на табела излезе од четворката која оди директно на СП 2018. Со таа плејада на ѕвезди кои заедно можеби имаат милијарда во банка, Аргентина има 6 победи, 4 нерешени и 4 порази и гол разлика 15:14 што значи во просек постигнува по еден гол.
За разлика од нив Бразил на 14 средби блесна со 10 победи и 35 постигнати голови, 20 повеќе од нив и синоќа станаа првата селекција кој е дел од Светското првенство во Русија. Бразил ќе настапува проформа во последните четири квалификациски кола, а Аргентина ќе се препотува од притисок за да не ја посрамоти нацијата.
Дека Боливија е само учесник во јужноамериканските квалификации како еден потпросечен пејач кој се појавува на сцена за да пополни фестивал, доказ е нивната претпоследна позиција. До сега ги победија Парагвај кои се пред нив на табела и аутсајдерот Венецуела кои се под нив на табела.
Синоќа стигнаа до третиот триумф и тоа над двократниот Светски првак кој не може да излезе од бездната со години и кој несфатливо е како може со таков состав да игра така лошо и да нема освоено трофеј од 1993-та.
Селекторот Едгардо Бауса синоќа ги немаше на располагање суспендираните Меси, Игуаин и Биља, но во однос на мечот против Чиле не направи три, туку осум измени.
Од тој триумф над Чиле пред пет дена играа само голманот Ромеро, Рохо и Ди Марија, толку, а настапија играчи од просечни екипи како Гвидо Пизаро (Тигрес), Рамиро Фунес Мори (Евертон), Факундо Ронкаља (Селта), Лукас Прато (Сао Пауло), Енцо Перез (Валенсија).
Распоред на Аргентина до крај е следен: Со Уругвај на гости (31 август), со Венецуела дома (5 септември), со Перу дома (5 октомври) и со Еквадор на гости (10 октовмри). Меси се враќа за последната.
На првиот примен гол одиграниот воздушен дуел им беше за никаде
А на вториот, стоперот на Аргентина кој требаше да го чува стрелецот на голот беше шахист во празно поле.