На 23. ноември играа Бнеи Сахнин и Беитар Ерусалим, а натпреварот од домашното првенство го добија домаќините со 1:0. Резултатот и не е толку важен, колку што беа важни подготовките за само 90 минути фудбал.
Беитар Ерусалим важи за еден од најпопуларните и најпознати израелски фудбалски клубови. Беитар е еден од најстарите клубови во земјата, домашните натпревари ги игра на Теди стадионот, така наречен по легендарниот градоначалник на Ерусалим, Теди Колек. Беитар Ерусалим досега 7 пати бил шампион на Израел и исто толку пати го освојувал националниот куп. Но, за многу луѓе во светот, овој клуб не е познат само по трофеите и по настапите, туку и по екстремните навивачи кои важат за радикални националисти во Израел.
Во последните неколку години, ултрасите на Беитар Ерусалим, познати како „Ла Фамилија, ја запрепастија светската јавност, кога избркаа двајца чеченски фудбалери од клубот. На неколку натпревари скандираа „Смрт за Мухамеданците", а често ги напаѓаат и израелските Арапи кои пазарат во Малха Молот, во близина на нивниот Теди стадион во Ерусалим.
Од друга страна, навивачите на Бнеи Сахнин не се ништо поразлични. Нивниот миленик е единствен израелско-арапски клуб кој игра во шампионатот на Израел. И покрај тоа што располага со прилично мал буџет, Бнеи Сахнин добро се носи со останатите 13 клубови во лигата.
Екипата е составена претежно од арапски фудбалери и има пет странци, Шпанецот Абрахам Паз, Словенецот Миха Мевлја, Србинот Милан Бојовиќ, Црногорецот Игор Ивановиќ и Гркот Јанис Пападопулос. Како и „Ла Фамилија", така и Сахнин Ултрас имаат националистички испади и често пеат како „Ерусалим е нивен град, а полицијата е курва".
На почетокот од сезоната во Израел, Бнеи Сахнин одржа голема церемонија во чест на катарскиот бизнисмен Азми Бишара, кој донирал 2 милиони долари за екипата. Бишара е основач на арапската партија Балад, која учествува во израелскиот парламент. Бишара во 2007. година побегнал од Израел, затоа што бил обвинет дека е шпион на терористичката организација Хезболах.
По церемонијата, многу израелски политичари го нападнаа клубот Сахнин дека соработува со човек од потерница.
„Кога фудбалски клуб од израелската лига ќе му се заблагодари на некој кој е обвинет за шпионажа и поддржување на Хезболах, тогаш мора да има сериозни последици по самиот клуб", изјави Авигдор Либерман, израелскиот министер за надворешни работи, кој бараше Сахнин да биде избркан од лигата.
Него го поддржаа и челниците на фудбалската федерација, кои биле „непријатно изненадени и бесни" поради таквата арогантност на клубот од северен Израел. Како одговор на заканите, се огласи Џамал Захалка, пратеник во израелскиот Кнесет (Парламент).
„Излагањето на Либерман е директна закана кон Арапите. Тој не е прв фашист што ги навредува спортистити со друга боја на кожата и од друга вера. Либерман не пропушта прилика да ја затруе јавноста со омраза и расизам", изјави Захалка.
Во израелското првенство, освен топ клубовите Макаби Хаифа, Макаби и Хапоел Тел Авив и Беитар Ерусалим, сите други клубови едвај преживуваат.
„Само сакавме да им се заблагодариме на луѓето што ни помогнаа да ги добиеме парите. Без тие средства, Сахин немаше да може да игра сезонава, ниту во првенството, ниту во купот", додаде Калид Дохи, директорот на клубот.
Во пресрет на дуелот меѓу двата тима минатиот месец, за безбедноста се ангажираа 1000 полицајци и повеќе од 500 редари. Навивачите на Беитар Ерусалим масовно се организираа да гостуваат во градот Санхин и повикаа секој што ќе тргне со себе да го понесе израелското знаме. Домаќините не успеаа да внесат околу 60 палестински знамиња, кои им биле одземени на влезот. Стадионот Доха собира 5.000 гледачи и беше исполнет до крај.
Мечот го добија домаќините со голот на Рајван во 39-та минута, а дуелот го одбележаа инцидентите на теренот меѓу самите фудбалери. Во моментов, Бнеи Сахин е трет од позади на табелата со 11 бодови, а Беитар Ерусалим е на 6. место со 15 бодови.