Тоа што Англичаните го најавија уште пред две години, сега станува и официјално. Премиер лигата од сезоната 2013/2014 година ја воведува новата технологија со која конечно ќе се реши проблемот со спорните голови кои ја минуваа гол линијата.
Оваа информација ја соопшти генералниот секретар на ФА, Алекс Хорн кој со гордост изјави дека англиската Премиер лига ќе биде првата лига во светот која ќе ја воведе оваа новина, а деталите ќе бидат утврдени веќе в четврток, на состанокот на кој ќе присуствуваат претставници од сите англиски клубови.
Камерата за почеток ќе биде инсталираната на стадионот „Вембли" и уште на 20 стадиони ширум островот кои ќе го искусат новото решение за спорните ситуации во фудбалот.
Најголемата дискусија за воведувањето на новата технологија се отвори откако на плејмејкерот на Челси, Френк Лампард му беше поништен чист гол против Германија на Светското првенство во Јужна Африка.
Инаку како што е познато ФИФА веќе донесе одлука за воведувањето на новата технологија на големите интернационални натпреварувања, која ќе се користи на Купот на Конфедерации кој се игра ова лето во Бразил. Таа беше тестирана на клупското Светското клупско првенство кое се играше минатата година во Јапонија.