Анегдотата на Зидан кој за трансферот во Реал се договарал со Перез преку салфетки

L’Equipe објави интервју со еден од најголемите уметници со топка, кој синоќа наполни 50 години. Се наврати на 2001-ва кога го направи трансферот во Реал кој му фалел во кариерата како предизвик, а раскажа и колку му било тешко да го повтори успехот во ЛШ, како тренер.

Зинедин Зидан во тоа време направи рекорден трансфер од Јувентус во Реал Мадрид за 150 милијарди лири или 77 милиони евра, а сè почнало од еден кус муабет на салфетка.

Потоа зборува за моменти од тренерската кариера во Мадрид, како на пример чувството кога му рипнале играчите, како и разликата кога ќе ја освоиш Лигата на шампионите како тренер. Работел како луд за тој успех и паметот нон стоп му бегал кај тренинзите.

За трансферот во Реал Мадрид

„Беше неверојатно, со сите тие нули. Јувентус имаше право да побара колку што мисли дека треба да побара, а Реал да плати. Имав 29 години, големо искуство, но ми фалеше настап во Реал Мадрид. Ми беше потребен ваков голем трансфер за кариерата да ми се искачи на едно повисоко ниво. Во Јувентус поминав пет години, освоив сè освен Лигата на шампионите, па ми требаше нов предизвик“.

„Нема никогаш да ја заборавам првата средба со Флорентино Перез, се сретнавме во Монако. Се беше договорено на првата средба, немаше втора или трета. Флорентино Перез не е човек кој се шегува, кога ќе рече „Ајде да го сториме ова“, го прави тоа“.

„Имам една анегдота на која се смејам до ден денес. Бевме на голема маса на гала вечера во Монако. Бев поканет да добијам награда и седевме еден до друг. Тој ми подаде салфетка на која пишуваше, „Дали сакаш да дојдеш во Реал?“. Јас на салфетката напишав, „ДА“. Се уште не ми јасно зошто напишав „ДА“ на англиски. Можев да напишам „ДА“ на француски, тој зборуваше француски. Можев да напишам „ДА“ и на шпански. Така започна сè“.

„Кога потпишав за Реал, Флорентино Перез ми рече: `Во мојот тим бројките одат од 1 до 11. На дресовите нема 35 или 40. Единствено што е слободно е бројот 5.` Нема проблем, веднаш ќе го земам. Таа 5-ка ми даде многу“.

Чувството да се освои ЛШ како тренер

„Кога Кристијано постигна гол во Рим, сите играчи ми скокнаa во прегратка. Тоа го загрева срцето. На сликата можете да забележите дека изгледав како дете. Ги доживеав тие моменти како играч, но на друго ниво е истото чувство како тренер“.

„Не бев изненаден што освоивме толку брзо ЛШ откако бев назначен за тренер. Затоа што кога правам нешто, го правам тоа за да победам. јас сум победник. Живеам за да победам“.

За финалето против Јувентус

„На финалето против Јуве, не бев среќен на полувремето. Сакав да играме повеќе по страните. Тоа го направивме навистина добро во вториот дел со Модриќ, Карвахал, а на другата страна со Марсело и постигнавме 3 гола“.

„Во второто полувреме од финалето ги презедовме првите 10 минути. Ги задушивме. Притиснавме високо. Сакам да го гледам мојот тим кога игра на тој чин. Оди земи ја топката многу високо и фати го противникот за гуша“.

Тешкотијата да се стигне до пехар во ЛШ и Ла Лига

„Освојувањето на ЛШ никогаш не е среќа, туку е напорна работа. Посебно три пати по ред. Работев како луд. Дури и дома паметот ми беше на стадионот, размислувајќи на тренинзите следниот ден“.

„Фантастично е да се освои ЛШ, но најтешката и најдобрата работа по цела сезона е да се освои Ла Лига. Мора да останете во форма цело време“.

За Бензема 

„Сезоната на Бензема? Не ме чуди. Знаев дека е способен за тоа. Не сум единствениот што вели да му ја дадете Златната топка, туку цел свет. Тоа е повеќе од заслужено“.

Иднината

„Сакам да продолжам како тренер. Потоа, зошто да не се пробам како лидер на проект, како на пример претседател на клуб или менаџер на компанија“.

24 јуни 2022 - 14:49