Александар Дамчевски е една од желбите на Лацио

По петгодишниот престој на Горан Пандев, на стадионот „Олимпико“ во Рим можно е да гледаме уште еден македонски репрезентативец.

Лацио е во потрага по централен дефанзивец во јануарскиот преоден рок откако новото засилување од Сан Лоренцо, Сантијаго Џентилени го повреди коленото уште во септември и нема да се врати на терените пред март месец.

Стандарден играч на другата стоперска позиција е 22 годишниот Стефан Де Вриј кој дојде од Феенорд, а според „LazioNews24“ раководството на тимот од Рим следи две имиња на таа возраст, Диего Полента и Александар Дамчевски.

Италијанскиот портал за Уругваецот кој настапува во Национал пишува дека се помали шансите за да стане нов член на Лацио, додека македонскиот репрезентативец Дамчевски го претставуваат како можно големо изненадување.

Дамчевски кој настапува за НАЦ Бреда заедно со новиот македонски репрезентативец Урош Матиќ е роден во Стразбур, висок е 193 см и има француски пасош.

Тој моментално е повреден и ќе се врати на терените по празниците. Кариерата ја почна во Луцерн, потоа настапуваше за уште еден швајцарски клуб Криенс, а пред да заигра во холандското првенство, беше дел од бугарското првенство во екипата на Черноморец.

30 декември 2014 - 16:48