Пред да стане успешен тренер, Сер Алекс Фергусон имал и успешна кариера како фудбалер во неколку шкотски клубови. Почетоците како аматер ги имал во Квинс Парк и Сент Џонсон, а првиот професионален договор го потпишал во 1964-та година кога преминал во Данфермлин, клубот кој во 1961-та година во првата рунда на Купот на победниците на куповите го елиминираше тогашниот освојувач на југословенскиот куп, ФК Вардар.
Таму тој поминал одлични 3 сезони и постигнал 66 голови на 89 натпревари, по што добил понуда од гигантот и најтрофеен шкотски клуб, Глазгов Ренџерс каде играл во следните 2 сезони.
Од тогаш поминаа скоро 50 години за кои Алекс Фергусон стана најуспешен тренер во Британија, а неговиот поранешен клуб Данфермлин испаѓаше во пониските лиги и неколку пати се враќаше во шкотската Премиер лига.
Минатата сезона Данфермлин повторно испадна во втората лига и клубот се најде во тешка финансиска криза заради која пред почетокот на оваа сезона мораа да отпуштат 22 фудбалери.
Но Фергусон никогаш не го заборави својот поранешен клуб. Кога тој слушнал дека Данфермлин се соочува со тешка финансиска криза, ги контактирал челниците на клубот и самиот им понудил помош. Помеѓу другото, еден од начините на кои тој ќе му помогне на Данфермлин е организирањето на пријателски натпревар помеѓу Манчестер Јунајтед и шкотскиот второлигаш и неколку настани за собирање на финансиски средства.