Ако зборите за најлуди пресврти, спомнете го и Вотфорд

Кога се зборува за неверојатни пресврти, први на памет ни паѓаат Манчестер со Баерн и Ливерпул со Милан во Лигата на шампионите. Она што се случи во полуфинале на англискиот ФА Куп, за навивачите на скромниот Вотфорд има еднакво значење.

Фудбалерите на Вотфорд направија еден од најлудите пресврти во историјата на полуфиналето на англискиот ФА Куп и се пласираа во големото финале каде ќе ги чека Манчестер Сити на Гвардиола.

Кратко објаснување: до 79’ минута Вотфорд губеше со 0-2, Вулверхемптон леташе по теренот, а нивниот најдобар играч сезонава, Раул Хименез прослави еден од головите како Обамејанг со маска.

Но за домашните тоа не беше крајот. Решија да пробаат да спасат што може да се спаси, затоа што беа најблизу до првото финале на ФА Куп првпат после 1984 година.

Лудилото го започна Шпанецот Жерар Делагфеу (екс Барселона и Милан) со преубав гол за 1-2:

Во длабоко судиско продолжение, Вотфорд доби пенал кој го реализираше Трој Дини за 2-2. Ова беше 26 гол од 31 изведен на Дини за Вотфорд:

Ерупција на „Вембли“ каде се играа двете полуфиналиња се случи во првото продолжение кога Делафеу го постигна решавачкиот гол за 3:2 и пласман во финале на ФА Куп:

А Жерар Делафеу влезе во игра во вториот дел кога го смени Хјуз на 13 минути до неговиот прв гол. 

Сега на Вотфорд му претстои тешка задача против Манчестер Сити, во финалето на „Вембли“ на 18 мај. Подобро да не прогнозираме после ваквиот кам-бек. 

8 април 2019 - 10:11