Легендарниот Бразилец Пеле се пензионираше во 1977-та година, а Марадона ја започна својата професионална кариера во 1976-та. Тие никогаш се немаат сретнато на теренот, но тие се во постојан конфликт преку медиумите, а главна тема секако е дебатата за тоа кој е најдобар фудбалер на сите времиња.
Диего Армандо Марадона кој моментално е тренер на клубот Ал Васл од Дубаи, ја искористи последната прес-конференција за да ја продолжи војната на зборови со Пеле.
Во едно интервју кое неодамна Пеле го даде за официјалната вебстрана на ФИФА, тој изјави:
„Роден сум да играм фудбал, како што Бетовен бил роден да прави музика или Микеланџело да слика."
Марадона како едвај да чекаше шанса и веднаш му возврати.
„Ако Пеле мисли дека е фудбалскиот Бетовен, тогаш јас сум Рон Вуд, Кит Ричардс и Боно Вокс затоа што имам толку страст."
„Секој пат кога Пеле ќе земе погрешно апче, се истакнува со некоја луда изјава. Можеби утринските апчиња ги испил навечер. Треба да внимава и да ги пие вистинските апчиња", изјави Марадона.