Влијателниот менаџер на Погба, Балотели, Ибрахимовиќ, Грегори Ван Дер Вил, Хенрик Михтарјан и многу други вели дека е подготвен да го смени раководството на ФИФА кое што очајно има потреба од промени.
„Со години ја критикував ФИФА, така што време е да се фатам за работа. Знам доста за тоа како Блатер и ФИФА се однесуваа со играта. Ме ужасува помислата дека Блатер би можел да биде реизбран“, изјави Рајола за VI.
47-годишниот Рајола ќе има конкуренција во Жером Шампањ, Принцот Али Бин Ал Хусеин и Давид Жинола, сите кандидати за претседател на ФИФА.
„ФИФА треба да постои за публиката, за професионалните и аматерските играчи, но тие не прават ништо за таа група на луѓе. Како се осмелија да организираат СП во Јужна Африка и потоа да стават цена на влезници 150 евра? Тоа е непочитување. ФИФА сака да организира забава во туѓа куќа и после да наплаќа влезници за журката, а газдата на куќата да не добие ништо. Тоа мора да се запре“, констатира Мино Рајола, кој ќе се кандидира за прв човек на ФИФА.
Рајола во моментов преговара околу статусот на Марио Балотели, кој можеби ќе го напушти Ливерпул и ќе се врати во Италија.