Адеми е роден во Шибеник и цел живот живее и игра фудбал во Хрватска, но корените му се од тука и за Македонија игра за срце. Баба му и дедо му се родени во Пирок село на 13 км од Тетово.
Тој ги мина младинските селекции на Хрватска, но од 2014-та игра за Македонија. Нико Ковач не го повикал за СП 2014, а потоа се предомислил, но било доцна. Адеми го одбил бидејќи не сакал да го прекрши зборот кој му го дал на ФФМ:
Има 20 настапи и 4 гола за нашиот национален тим и треба да сме среќни што го имаме. Дечкото гази и се жртвува за Македонија. На репрезентативниот собир дојде повреден после 120 минутната битка против Тотенхем во Лига Европа.
Но покажа како професионалец е допатува во Скопје за мартовските квалификации. Против Романија влезе да помогне во второ и даде гол, со Лихтенштајн Мрме тактички го поштеди, а против Германија му асистираше на Елмас за победа.
Рудигер во еден дуел му влезе без осет, Адеми се виткаше, но ја одигра цела мушки, а сега открива на кое дереџе му била ногата.
„За време на мечот добив силен удар од Рудигер. Тој проба ножички, а јас ја испружив ногата и ме удри. По мечот видов дека имам околу 14 расекотини на ногата. Но, тоа не е некоја повреда поради која треба да паузирам. Ќе биде сè во ред, спремен сум за нови предизвици.
Штета што не минавме подобро во Романија. Со барем еден бод од оваа средба ќе бевме во многу подобра ситуација во квалификациите за СП 2022. Но добро е и вака, нашата цел беше второто место во групата, да избориме место во баражот. Амбициите постојано растат, сега гледаме колку вредиме“.
И покрај остварувањето на светското чудо, Адеми бил присебен и не се опуштил многу со славење.
„Досега во кариерата научив дека еуфоријата никогаш не носи ништо добро. Краткорочно одушевување, по кое само еден пораз или лош натпревар може да нѐ спушти неколку скалила. Затоа не ја славев премногу победата над Германија. Има време за тоа, кога ќе ја завршиме целата работа“.
„Долго ќе го паметам изразот на лицата на соиграчите. Не им беше верно што направивме откако судијата свирна за последен пат. Како да се запрашавме, дали навистина ја победивме Германија и тоа на нивен терен. Заборавете на тоа дека ги надигравме. И тие имаа свои шанси кои не ги искористија. Германија поседува топ фудбалери, фаворити се на секое големо натпреварување, но не се тие вонземјани. На крајот, се однесуваа како големи професионалци, сите ни честитаа за подвигот“, изјави Адеми за хрватските медиуми.
Следниот голем негов предизвик е четвртфиналето во Лига Европа каде заедно со Стефан Ристовски имаат двомеч против Виљареал на 8 и 15 април.