Ако до пред неколку недели шансите Серхио Рамос да го напушти Реал Мадрид беа теоретски, во моментов тие се реални, пишува АС. Стоперот во средата се сретнал со генералниот менаџер на Реал Мадрид, Хозе Анхел Санчез во тренинг кампот Валдебебас за да му порача да ги сослуша сите понуди за него.
Еве ги потенцијалните замени за Серхио Рамос во Реал Мадрид:
Николас Отаменди (генерација 1998)
Аргентинецот беше еден од најдобрите одбранбени фудбалери минатата сезона во Ла Лига, каде играше за Валенсија. Отаменди е стандарден и во дресот на Аргентина на Копа Америка. По завршувањето на сезоната објави дека сака да замине од клубот и во моментов Манчестер Јунајтед е најзагреан за него. Отаменди е одличен во дуел играта, брз е, а може да игра и како стопер и како офанзивен бек. Договорот со Валенсија му е до 2019. година, а главен проблем е што не поседува пасош од ЕУ. Реал веќе има 4 странци (Лукас Силва, Данило, Каземиро и Хамез). Во Шпанија лимитот е 3 странци во екипата.
Леонардо Бонучи (1987)
Фудбалерот на Јуве беше еден од најзаслужните за пласманот на Старата Дама во финалето на ЛШ. Иако има 27 години, Бонучи веќе е искусен репрезентативец кој многу учеше од Киелини и Барѕаљи. Договорот со Јуве му истекува во 2017. година, така што спортскиот директор Бепе Марота би можел да ги слушне понудите за високиот стопер.
Лоран Кошелни (1985)
Дејли Мирор денес објави дека Реал Мадрид размислува и за Французинот. Кошелни е физички доминантен стопер, но неретко знае да направи и катастрофални киксови, поради што не е од голема доверба за замена на играч каков што е Рамос, пишува АС.
Шкодран Мустафи (1992)
Албанецот кој со Германија го освои златниот медал на Мундијалот во 2014. година игра во Валенсија. На Местаља дојде од Сампдорија и веќе во првата сезона стана главен играч во одбраната на Лилјаците. Под договор е до 2019. година.