3000 километри само за Тоти

Навивачот кој 20 години сонувал да го запознае капитенот на Рома, возел 27 часа со автомобил без да склопи око. Возбуден поради средбата со својот идол, не памети ништо од разговорот со него.

Авантурата е дело на 26 годишниот Абдулах Алдугаим кој е роден во Саудиска Арабија, но студира и живее во САД. Уште од 6 годишна возраст навивачот ја следи кариерата на Тоти. Поради него го се заљубил во фудбалот, а научил да игра гледајќи видео клипови на интернет.

Кога слушнал дека неговиот идол се наоѓа во Флорида, Абдулах со автомобил поминал 3 илјади километри за 27 часа, а не застанал ниту на едно место да се одмори. Долгиот пат го поминал со својата девојка почнувајќи од Денвер, а за време на патувањето се соочил со голема снежна бура во Колорадо.

„Го доживеав најубавиот момент во својот живот. Кога се запознав со Франческо и кога ми ја притисна раката бев толку возбуден, што не можам да се сетам на ништо од тоа што ми го кажа" – изјави верниот навивач кој на таблицата на својот автомобил го напишал името на својот идол.

8 јануари 2013 - 19:16