20 февруари 1986 година е датумот поради кој навивачите на Милан вечно ќе му бидат благодарни на Силвио Берлускони познат како „Ил Кавалиере“ кој стана нов газда на клубот и го спаси од банкрот.
Почетокот на 80-те за Милан беше тежок бидејќи два пати испадна во Серија Б, но со Берлускони на крајот од таа декада им се случи револуција. За нов тренер во 1987 година го назначи 41 годишниот Ариго Саки и потоа купи светски имиња како Марко ван Бастен и Руд Гулит.
За 4 години младиот италијански стратег кој дојде од Парма на Росонерите им донесе 8 трофеи. Во 1988-ма Скудето и Супер Куп на Италија, во 1989-та Лига на шампиони, Супер Куп на Европа и Интерконтинентален Куп, а следната година ги повтори сите три успеси.
Останатото е историја. Во ерата на Берлускони, Милан освои вкупно 28 трофеи и стигна до бројка од 18 интернационални трофеи во историјата на клубот. Повеќе имаат само Реал Мадрид (19) и Ал Ахли (20). Газета дело Спорт му направи интервју на 79 годишниот тајкун кој во сабота ќе слави 30 години откако е газда на Милан.
Каква оценка би дале за вашите 30 години во Милан?
„Тргнавме да одиме на 10-ка и за тоа како поминавме би дал 10-ка. Овие 30 години беа магични. Освоивме пехари повеќе од сите други. Добивме 363 милиони навивачи од цел свет. Нашата љубов за Милан пред сè се исполни со радост која доаѓа од срцето“.
Најубавиот ден?
„Ги има многу. Се разбира незаборавна е победата во Барселона против Стеауа Букурешт 4:0 кога ја освоивме првата Лига на шампиони. Се сеќавам на незаборавниот спектакл на Камп Ноу каде беше полно со знамиња на Милан. На автопатот во Шпанија има колони со автомобили и автобуси од каде се вееја знамиња. Целиот народ кој навива за Милан го освои тој трофеј, не само тимот“.
Тренери и играчи?
„Се сеќавам на првите неверојатни години со Саки. Но поврзан сум пријателски и со Анчелоти и Капело. Сите наши шампиони би сакал повторно да ги гледам. Од Ван Бастен кој се повлече од фудбалот многу рано, до Барези нашиот капитен, од Савичевиќ до Роналдињо, од Малдини до Костакурта, од Тасоти до Донадони, потоа Масаро, Веа, Гулит. Шева, Кака...Не можам сите да ги бројам. Би додал со гордост дека мојот Милан е единствениот тим во историјата кој два пати (1988 и 1989) имал три фудбалери на првите три места на доделувањето на „Златната топка“.
Пари, Боатенг и Балотели
„Неколку пати покажавме дека сме способни да создадеме голем тим. Се разбира со многу пари. Во овие 30 години нашите инвестиции изнесуваа 1,2 милијарди евра. Боатенг и Балотели беа грешки? Зошто мислите така? Боатенг се врати со голема желба да игра и до сега добро му оди. Балотели има сериозни здравствени проблеми. Ако успее да ги елиминира грешките од минатото може да се врати. Мислам дека вреди да се обиде“.
Планови
„Во сабота на денот на 30 годишнината би сакал да ручам со клубот во тренинг центарот. Тоа ќе го искористам да побарам од Михајловиќ да ги победи сите натпревари до крај на сезона. Јас имам обврски на многу фронтови, но сум сконцентриран и на клубот. Направивме екипа со млади и надежни играчи и со многу вонсериски играчи. Сигурен сум дека ќе успееме. Доживеавме 8 финалиња во ЛШ, во следните 5 години треба да стигнеме до 10“.
Иднината
„Мистер Би? Моите планови се секако само за доброто на Милан. Во модерниот фудбал влегоа луѓе со неограничени средства и затоа е тешко да се остане конкурентен на високо ниво. Поради тоа веруваме дека е неопходен придонесот на нова енергија и свеж капитал и преговорите за тоа се во тек. Но не е вистина дека Марина ме притиска да го продадам Милан. Доживотен претседател? Да видиме како ќе оди во следните 30 години и потоа ќе одлучиме.