Пирамидата на успеси од 2011. година кога „Старата дама“ ја започна „бербата“ на трофеи во домашното првенство, го загуби својот врв. Уште во првата сезона со Конте како тренер, Јувентус низ целта мина без пречки. Со 23 победи, 15 нерешени средби и без ниту еден пораз, „бјанконерите“ стигнаа до првата титула после 9 години пост.
Тоа беше сигнал управата на клубот сериозно да го сфати Конте и да му ги исполни желбите во врска со играчкиот кадар. Веќе следната сезона, Јуве го одбрани скудетото со 87 освоени бода (27 победи, 6 нерешени, 5 порази).
Сезоната 2013/14 ќе се испостави како рекордна. Со борба на три фронта (Серија А, куп и ЛШ), Јувентус во домашното првенство ќе освои неверојатни 102 бода, со што ќе го надмине рекордот на Интер со Манчини. Во историјата на европскиот фудбал, само шкотскиот Селтик во една сезона освоил повеќе бодови (103).
Конте постави уште еден рекорд, со дури 57 освоени бодови на домашен терен од кога Серија А е со формат од 20 клубови.
Имено, некогашниот италијански репрезентативец во 1991. година, на барање на легендарниот Џовани Трапатони дојде во Јувентус. Моментите на слава ги доживеа во ерата на Марчело Липи, а со Јувентус како играч Конте освои 5 скудета, 1 Лига на шампионите, 1 Куп на Италија, 4 суперкупа, 1 Куп на Уефа, 1 Супер Куп на Уефа, Интертото Куп и Интернационален куп. Дури 13 сезони го носеше дресот на „Старата дама“ од кои 5 како капитен.
Тренерската кариера ја градеше во Арецо, Бари, Аталанта и Сиена, за во 2011. година да седне на клупата на омилениот Јувентус, кој во таа година влезе со нова управа, нов стадион и нов претседател.
Голем дел од играчите на „бјанконерите“ му изразија благодарност на Конте за кого велат дека е најзаслужниот што Јувентус после големиот пад одново се крена и три пати последавотелно ја освои титулата во домашното првенство.
„ Голема загуба за нашиот клуб. Конте е човекот со кого овој тим созреа и научи како се победува. “ – изјави Џиџи Буфон, веднаш по веста кога Конте го раскинал договорот.
По серијата неуспешни обиди за доведување нови играчи во составот, управата на Јуве летово го купи само Патрис Евра кој во Торино дојде како слободен играч. Итурбе од Верона, Алексис Санчез (замина во Арсенал), Фреди Гуарин и Kуардадо се само дел од играчите кои Јуве не успеа да ги испазари.
На повидок е и трансфер на извонредниот Видал во Манчестер јунајтед, по што речиси е извесно дека тоа била капката која ја прелила чашата на Конте, сега прв фаворит за селектор на Италија.
„Со 10 евра не може да се јаде во ресторан од 100 евра “- изјави неодамна Конте, по барањата од управата клубот да биде поконкурентен во Европа.
Конте замина од Јуве, а Јувентус веќе денес се договори со поранешниот стратег на Милан, Масимилиано Алегри, со кого ќе потпише 2 годишен договор за 2 милиони евра по сезона.