
Четвртфиналниот натпревар помеѓу Аргентина и Англија се одигра пред неверојатни 115.000 гледачи на Ацтека стадионот во Мексико Сити. По првото полувреме кое заврши без голови, на сцена стапи Диего Армандо Марадона.
Во 51-та минута Марадона продре во шестнаесетникот и по мешаница искористи една висока топка која со помош на неговата рака заврши во мрежата на Англија. Судијата не го забележа соминителниот момент и го призна голот.
Кога по натпреварот го прашаа Марадона како влезе топката во голот, тој одговори:
„Малку со главата на Марадона, малку со божјата рака".
Само четири минути подоцна, Марадона постигна уште еден гол. Тој тргна од својата половина, помина неколку играчи на Англија и ја внесе во голот на голманот Шилтон.
Првиот гол го доби името „Божјата рака", а вториот гол беше прогласен за „Гол на векот".