16-годишно дете му даде гол на Манчестер Јунајтед, а денес полага тест во школо

Додека навивачите на „црвените ѓаволи“ во малиот Мејсон Гринвуд гледаат светло на крајот од тунелот, синоќа им дојде еден уште помал фудбалер и ги олади на „Олд Трафорд“ па спасуваа жива глава на пенали.

Манчестер Јунајтед е очаен. Синоќа спаси глава против третолигашот Рочдејл на пенали. Ама приказнава не е за тимот на Солскјер, туку за еден клинец за кој допрва ќе се зборува.

Се вика Лук Матесон и има само 16 години. Неговото име ќе се памети долго, затоа што во средата вечер постигна прекрасен гол во 75’ минута, за израмнување против големиот Манчестер Јунајтед на сред „Олд Трафорд“:

Интересно, овој погодок кој го смрзна цел „Олд Трафорд“ беше дело на ученик кој во средата имал тест по психологија, но поради мечот од 3. рунда на Карабао Лига Купот, не можел да се појави, па ќе го полага денес (четврток). Во школо му оди одлично, а најдобри оценки имал по историја (9), хемија (8), физика (8) и англиски (7). Шпански имал 6-ка.

„Да, денес ме ослободија, но утре сабајле одам да полагам. Нема да заспијам цела ноќ. Рочдејл и школото ми пружаат многу поддршка. Сакам да учам: тоа е тоа што навистина го сакам. Фудбалот не е гаранција. Никогаш не знаеш што може да се случи. Можеш да бидеш најдобар играч на светот, но сè е можно. Сакам да го имам тој бек-ап за секој случај“.

Голот кој ќе го памети цел живот го посветува на најдрагата личност во неговиот живот: 

„Ова беше прв натпревар кој мајка ми го гледа во живо во последните пет години, затоа што беше болна. Затоа овој гол и го посветувам на неа. Таа беше овде, гледаше“.

Малиот Лук Матесон уште лани, кога имал 15 години, бил скаутиран од ловците на таленти на Ливерпул и Манчестер Јунајтед, така што овој гол уште повеќе ќе ги загрее челните луѓе на гигантите да го пазарат уште на зима во јануари.

Лук игра за Англија У-17, а синоќа влезе во историјата како најмлад стрелец на гол во Лига Купот на Англија. Природна позиција му е десен бек, а многу често се наоѓа во последната фаза од нападот како ултра-офанзивно крило.

Матесон го донесе својот тим до пенали, но Рочдејл немаше сили да направи светска сензација откако изгуби 5:3 на пенали од Манчестер. Дебито за Рочдејл го имал лани во натпревар против Бјури кога влегол во 13’ минута од клупата за резерви. На тој начин станал најмладиот играч во историјата на клубот.

„Сè се случи така брзо. Вау! Што да кажам навистина? Никогаш не би помислил дека со 16 години би дал гол на Олд Трафорд - тоа е сон за секој човек. Надреално е, неверојатно. Немам зборови. Ова беше посебна ноќ за мене, за тимот, за Брајан Бери-Марфи (тренерот на Рочделј) и за сите. Нереално беше“.

За крај, ова сензационално дете од нисколигашот Рочдејл вели:

„Мислам дека можевме да победиме, но резултатот не одзема ништо од вечерва - беше прекрасно! Можеби малку немавме среќа што не победивме, но не можевме да побараме уште повеќе, така што мислам дека бевме супер. Овој гол ќе го паметам до крајот на животот. Само го видов Оли Ратборн како центира и тргнав натаму“.