Со местенските во фудбалот нема крај. Откако пред само една недела австралиските власти уапсија 10 играчи од втората лига кои местеле натпревари за добивки во азиските обложувалници, нов таков скандал пристигна од Ел Салвадор.
Федерацијата од оваа средноамериканса земја одреди доживотна сузпензија за 14 фудбалери кои се и репрезентативци на Ел Салвадор. Останатите играчи се соочија со поблаги казни од кои еден е суспендиран на 18 месеци, двајца ќе паузираат шест месеци, еден четири и уште четворица се под истрага.
Дел од наместените натпревари за кои ќе одговараат репрезентативците се поразот од Мексико од 5:0, како и оној од Парагвај од 4:2 кои се играле во рамките на Голд Купот во 2011 година.
Во Централна Америка многу играчи се соочуваат со финансиски проблеми поради слабите примања и се подложни на понудите од мафијата која ги потплаќа за да ги местат резултатите. Минатата година доживотно беа суспендирани тројца репрезентативци на Гватемала.
Мозокот на овие операции Дан Тан, за кој се верува дека со помош на својата криминална мрежа е одговорен за над 600 наместени натпревари ширум светот, полицијата во Сингапур се пофали дека го уапси во голема акција заедно со уште 13 негови соработници.