Италијанската фудбалска машинерија која шест сезони по ред не го дава тронот во Серија А, одржува кампови во околу 40 земји во светот. Благодарение на македонскиот фан клуб на Јувентус кој функционира доста сериозно и организирано и ФК Мондано, гигантот со свои тренери ќе дојде да обучува деца и во Скопје.
Разговаравме со Игор Стевковски, претседателот на фан клубот на Јуве кој ни откри многу детали околу големиот настан.
Како се случи и кој успеа да го договори најтрофејниот италијански клуб да одржи камп во Скопје?
Пред 2 години во Скопје дојде претставник (партнер) на Јувентус задолжен за целиот Балкански регион. Тој веќе го започна кампот во Сараево и се подготвуваше отворањето на академијата таму. Тој не' исконтактира како официјален фан клуб на Јувентус тука. Ние се понудивме со сите наши ресурси да им ги претставиме можностите за реализација на таков проект и контакти од фудбалски школи и спортски центри каде би можел да се одржи фудбалскиот камп.
Цела година помина разговори со потенцијални фудбалски клубови и институции, за да откако се беше договорено, регионалниот претставник реши дека нема да може да ги турка паралелно проектите на целиот регион и им предложи на Јувенутс да се реализираат директни контакти во секоја од земјите. После неколку месеци конечно го добивме контактот од координаторот на Јувентус академиите од целиот свет и почна договарањето со нив.
Ние како фан клуб и непрофитна организација, не можевме да бидеме директен партнер на Јувентус за организација на ваков проект и мораше директно да се договори некој друг правен субјект. ФК Мондано веќе од претходно беше договорен како локален клуб кој ќе го "турка" целиот проект, а ние како фан клуб останавме "посредникот" во комуникацијата со Јувентус, односно нивните одговорни лица Сега кога кажувам "ние", мислам на ФК Мондано и фан клубот заедно.
Кои критериуми требаше да се исполнат?
Прво мораше да се одобри локалниот партнер, во овој случај фудбалскиот клуб Мондано Кидс од Скопје. Направивме мало "снимање" на неколку локални фудбалски школи, и наидовме на најдобри реакции од родителите на децата кои тренираат во Мондано. Сите наши предлози ги разгледа локалниот менаџер и тој направи дополнителни интервјуа и изборот беше ФК Мондано Кидс.
Јувентус бараше тренерите кои ќе работат со нивните кои ќе пристигнат во Скопје, да имаат искуство во тренинг со деца, да се со педагози и секако познавање на барем англиски јазик. Тренерите од ФК Мондано идеално се вклопија во овие критериуми бидејќи освен тренирањето фудбал, тие се и професори во основни училишта, а секако и тренери со лиценца од УЕФА.
Потоа беше изборот на теренот, праќавме слики од терените и пропратните објекти, за да бидат одобрени од Јувентус.
Моравме да најдеме осигурување за учесниците на кампот, но со многу високи премии, за кои повеќето осигурителни компании кај нас и не доставија понуда, односно ги немаа. И секако последниот чекор беше утврдување на договорот за соработка и разјаснувањето на извесни барања од Јувентус.
Меѓу другото, Јувентус ни достави и листа на барања кои се потребни да се исполнат, кои мораше да се прифатат за реализација на проектот (опрема за децата која мора да се набави од Италија, фудбалска опрема за теренот, топки, маркери, сталки, итн). Во договорот е и лиценцата која мора да се исплати кон Јувентус за проектот.
Како е замислен целиот проект?
Во оваа година започнуваме со фудбалски камп, кој ќе се одржи од 2. до 7. април. Ќе се тренира секој ден, првите два дена, само попладне, бидејќи е работна недела, а останатите денови по два пати на ден бидејќи таа недела се велигденските празници, ќе има и неработен ден и децата нема многу да отсуствуваат од училишните обврски. Во понеделникот ќе имаме и церемонија за отворање на настанот, и секако затворање на последниот ден.
Целата програма на тренинзи е утврдена од Јувентус Академијата. Доаѓаат 4 тренери од Италија, од кои еден од нив е специјализиран за програма за голмани. Тие ќе ги водат тренинзите во групи од 12-15 дечиња, а ќе им помагаат и неколку локални тренери кои ќе им преведуваат на оние деца кои не разбираат англиски јазик и ќе им помагаат во исполнувањето на задачите од италијанските тренери.
Во деновите кога ќе има два тренинзи на ден, времето помеѓу тренинзите ќе биде испланирано за заедничко дружење и забава на децата.
Мотото на Јувентус Академијата е дека "пред се градиме луѓе, а потоа и фудбалери" и затоа покрај спортскиот аспект, сакаме да ги нагласиме и другите аспекти на спортот, дружењето, запознавањето на нови пријателства и забавата.
Но со овој камп не завршува проектот. Целта на Јувентус е да оствари постојано присуство во регионов со редовно реализирање на вакви интензивни тренинг кампови, но и со отворање на Академија која е работи преку целата година. Затоа сакаме и периодот по кампот и целото лето, интензивно да се ангажираме, за од есента да профункционира и Јувентус Академијата во Скопје.
Академијата ќе биде под постојан надзор од координаторите на Јувентус, со редовни посети од тренерите од Торино. Локалната академија ќе им овозможи на тренерите да се усовршуваат низ системот на тренери во Јувентус и да напредуваат во својата професионална определба. Веќе сме во контакт со локалните академии од Сараево и Белград и секако е планирано во иднина децата редовно да си гостуваат во овие центри, како и во Торино на годишните собири.
Колку деца до сега се имаат пријавено и кој е максималниот број на учесници?
Со оглед на искуството од овие кампови во регионот, очекуваме околу 80 до 100 деца да учествуваат. Момчиња и девојчиња од 5 до 17 год. Во првите 2 недели од промоцијата имаме веќе 60 пријави и очекуваме наскоро да ја пополниме очекуваната бројка. Имаме пријавени и неколку девојчиња до сега, има и рекреативци кои не тренираат по постоечките фудбалски школи по градовите, но сакаат да бидат дел од Јувентус кампот. Секако програмата ќе биде прилагодена до сите различни групи и возрасти.
Дополнително, ги поканивме и се одзваа на поканата, екипата на Специјалната олимпијада на Македонија и децата од домот без родители 11 Октомври, кои ќе одработат некој тренинг и ќе одиграат натпревар. Сакавме да го искористиме овој настан од ваков ранг, да ја подигнеме свеста и општествената одговорност кон овие маргинализирани групи.
Какви се привилегии ќе имаат учесниците од кампот?
Секое дете учесник на кампот, ќе добие Јувентус Адидас опрема (дрес, шорц и чорапи) која ќе им остане во нивна сопственост по завршување на кампот. Веќе напоменавме дека голманите ќе тренираат посебно (не заедно со играчите) и тоа под надзор на тренер токму од клубот кој го има најдобриот голман во светот, Џанлуиџи Буфон.
Две деца ќе добијат награда да учествуваат на кампот на Јувентус во Белград во јуни, со платено учество, храна и сместување. Уште две деца пак ќе добијат бесплатен рекреативен камп во Грција ова лето. Ќе има и многу забавни натпревари, со кои ќе се добие по некоја награда, но да не ги откриваме сите изненадувања сега.
Во кои земји Јувентус одржува кампови и колку често го прави тоа?
Доколку ја посетите веб страната на Јувентус, ќе видите дека кампот е присутен во над 20 земји во Европа (вкупно 40 кампови) а уште толку земји на останатите континенти по светот. Тоа е стратегија на клубот, да го шири своето присуство што е можно повеќе, надвор од Италија и Европа.
Кампови се реализираат преку цела година, ние го искористивме Велигденскиот празник, но секако во иднина овие кампови се поатрактивни во летниот период. Ќе се обидеме да организираме и надвор од Скопје во тој период.
Постои ли можност во иднина да се развие некако вид на поголема соработка, како на пример посета на некоја ѕвезда во Скопје?
Да се донесе ѕвезда од Јувентус во Македонија е мојот личен сон. Секако дека е остварливо, сега кога имаме директен контакт со Јувентус, само е потребен добар локален спонзор кој би ги подмирил тие трошоци, кои секако не се мали. Тоа, како и најдобриот и најголем летен камп на Јувентус во иднина во некои од нашите туристички центри со прекрасни природни услови за тренинг како Охрид, Маврово, Дојран е исто така цел на оваа организација.
Се надеваме дека Академијата ќе овозможи талентите од тука, полесно да бидат "видени" од скаутите на Јувентус и почесто да гостуваат на терените во Италија. Би сакал да нагласам дека со регионалните менаџери на академиите во регионов, од Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска, Албанија и Црна Гора веќе договоривме дека во иднина редовно ќе организираме локални купови, каде Јувентус академиите меѓусебно ќе се натпреваруваат, но пред се ќе се дружат и ја споделуваат заедничката страст за Јувентус.
Клик тука за пријавување