Антонио Конте нема да може да врши било каква дејност во фудбалот во следните 10 месеци. Тој беше обвинет дека знаел за два наместени натпревари од сезоната 2010/11 кога ја предводеше екипата на Сиена.
Обвинителот Стефано Палаци бараше 15-месечна суспензија, а Конте се обиде да се исценка за три-месечна суспензија и парична казна од 200.000 евра, но Дисциплинската комисија се одлучи за казна со траење од 10 месеци.
Суспендиран е и асистентот на Конте, Анџело Алесио, кој ќе биде надвор од фудбалот во следните осум месеци.
Добрата вест за Јувентус е дека Леонардо Бонучи и Симоне Пепе се ослободени од обвиненијата. Тие беа осомничени дека учествувале во местењето на натпреварот Бари-Удинезе во мај 2010 и им се закануваше суспензија од една до три ипол години.
Казни заработија и екипите на Лече и Гросето. Освен исфрлањето во четврта лига, Лече доби казна од 30.000 евра и одземање на шест поени, а на екипата на Гросето и се одземени три поени.