Off Topic

Вимблдонска утопија

За Макфакс Новак Ѓоковиќ изјави: „Имам голема желба да ја посетам Македонија, а, можеби, и нешто би организирале со Лина Ѓорческа и со Калин Ивановски“. Останатите портали во Македонија, за да избегнат да пренесат од конкурентски портал, но, веројатно, и поради кликбеит интерес, изјавата на Ѓоковиќ ја „пуштиле“ низ ВИ моделите па секој портал објави своја верзија на зборовите на Ѓоковиќ. Еден од нив беше: „Ѓоковиќ најави спектакуларен тениски меч во Скопје со Лина и Калин“.

Одбери ја својата криза на средни години

Не е лесно да си икс или миленијалец во „најубавите години.“ Премлади за умирање, престари за рокенрол, луѓето во тие години често знаат да поблесават во непознат правец, честопати во неколку контрадикторни правци. Ќе ги познаеш по тоа што почнале нешто скроз ново благодарејќи на животната мудрост, што ги откриле вистинските приоритети во животот и најмногу по тоа што се уби боже досадни кога ти зборуваат за тоа.  

Како рокенролот остана инфантилен

Погледнете ги Гиле и Аница Добра и ќе сфатите за што зборува Урош Ѓуриќ. За разлика од некои светски ветерани на рокенролот (Иги Поп, Дилан, Спрингстин...), добар дел од долговечните рокери од овие простори тематски не созреаја со своите години туку продолжија да рециклираат мотиви од својата младост, што знае да звучи и да изгледа баш гротескно. За разлика од една богиња Шемса, на пример.  

ВИ во одбрана на шефицата

Машинеријата на ЕУ има официјални алатки за вештачка интелигенција кои треба да им помогнат на функционерите и службениците во нивната работа. Ок. Германската европратеничка Кристине Андерсон поставила легитимно прашање: „Како да се ослободиме од Урсула фон дер Лајен како претседателка на ЕК?“ Системот веднаш ја блокирал заради прекршување на политиките за безбедност.

Коста Бургов има две солзи. Замрзнати.

После долга пауза, карактеристична за автори кои внимаваат на квалитетот (Ник Кејв, Боб Дилан...), еве ни го пак струмичкиот билбил. Песната почнува како да ќе грмне некој Далматинец од типот на Мишо Ковач но Коста ќе ја локализира и омекне со својот лирски вокал. Филозофска е, за смислата на животот, успехот... па и за смислата на самата физика: иако солзите биле замрзнати, тоест во тврда агрегарна состојба, тие сепак протекле низ неговото напатено лице „полно со неизвесности.“     

Лесни пари за лесни луѓе

Овде луѓе се заглавени по кладилници и мања-веча, но, во светот, главен муабет за комарџиски рефлекси се таканаречените пазари за предвидување во кои се влезени големи пари и бизнис империи (Трампови и други). Најголем меѓу нив е Полимаркет, бизнис проценет на 15 милијарди долари. Анализирале 1.100 видеа за да докажат дека за да с'скаат народ, Полимаркет плаќа за видеа со фејк добивки.

Започни нешто ново

Не е дека не вреди да се бориш за старото, ама некогаш се исплати да почнеш и нешто ново. Исто трошиш енергија, а сешто може да се случи. Без разлика колку си стар.

На сред аукција тапан чука

Scat talk-от на професионалните американски аукционери отсекогаш нè фасцинирал. Отприлика ова го разбираме: "банбара-банбара-банбара... продадено". Но, ние сме аматери. Пазете го тапанаров како го кине, од а до ш.

Зошто бе слепец?

Многу, многу е добро да се има ваков другар. За отпосле да му се каже: Е јеби га, ми брзаш! Ај пак!

Упатство за станување маж

Не е официјално и не е напишано во камен, туку доаѓа од една од најголемите финансиски институции во светот - Голдман Сакс, која истовремено е и една од најголемите збирштини на тестостерон, пари и амбиција во светот.

Реклама за сите пари

Видеото е комплетно лудило, веројатно не толку во делот како да се сними (иако и тоа изгледа прилично комплицирано), туку во делот како од празен лист хартија се развива идеја која изгледа вака. Видеово е снимано 6 дена на локации во Данска, Германија, Чешка и Романија, и тоа за време на некои од најголемите поплави во Европа.

ONE MONTY. ONE PYTHON.

Поради страв да не се утне финансиски, трејлерите за денешните филмови се прават комплетно некреативно и сите личат едни на други. Како би изгледало кога во калапот би се сместиле едни од најуникатните на сите времиња? Гарант би ги пропуштиле.

Море гавран пие

За сите македонски соколари и потенцијални гавранџии, забавена анализа на перформансите на овие прекрасни летачки машинчиња.

Исто е ама не е исто

16 англиски зборови кои значат едно во САД, а друго во Британија. Со потенцијално збунувачки реченици.

iPhone 5S(ame) и iPhone 5C(heap)

Она што го прават инженерите на Епл со секој нов Ајфон воопшто не е за потценување, проблемот е што целата промоција на нов Ајфон повеќе не е спектакл како што Епл тоа би сакал да биде. Телефон ко телефон.

Кога боксер дели воспитни на билдери

Во одбрана на двајцава суртуци набилдани, типов е боксер цел живот (а постар е од нив), цел живот е криминалец и цел живот тепа некого. Инаку причината за ќотекот е крајно маалска: он како газда на фитнес клуб не дозволува продажба на стероиди кај него... они двајца продаваат кај него... ќотекот не е заради продавањето, туку затоа што не му дале процент од продаденото. Логика.

Песна на летото, затвораме гласање

Каков Дафт, каков Панк. Ако сакате да попиете едно гет лаки, мора да ја слушнете песната на овие двајца но нејм Норвежани (Bård Ylvisåker и Vegard Ylvisåker, молим лепо). Лу-ди-ло! Да, Брејвик беше од Норвешка. 

Мапа на вкусовите

За сите почитувачи на големиот Феран Адриа и останатите суптилни трагачи по вкусови и нивни комбинации, имаме една одлична интерактивна мапа на која сигурно ќе заглават.

Капитализам во 6 минути

Ако после ова документарно парче не ви дојде да си изделкате кавал и со најблиските плус пар овци да заминете во некоја соседна корија, тогаш... ништо.

Глушец за секој дом

Нема потажно од домови од кои никогаш не заорува заразно и неконтролирано смеење. Макар за тоа било потребно да се има и глушец, вреди. Чекајте....

Турски тенис

Она што го видовте на финалето со Ѓоковиќ и Надал не е ништо во однос на страста, посветеноста и надчовечката енергија која ја вложува оваа неуморна тенисерка. И плус не се дере како Шарапова.

Најдобрата идеја за смартфон

Денес Епл објави два нови модела на телефони, кои во основа не се никакво изненадување и се идентични со шпекулациите што на темава ги имаше на интернет во последниве неколку месеци. Двата нови модели iPhone 5S (побрзата верзија на Ајфон 5) и iPhone 5C (поевтината верзија на Ајфон). Она што денес се појави и е далеку поинтересно од сè друго е концептот Phonebloks.

Надежи на суво

Ја памтиме најавата за овој производ и колку тогаш ни се чинеше дека тој ќе смени доста работи во нашите животи. Да не можеш да се накапеш на маица? Дај пакет од тоа! Е па, излегол и еве го тестиран.

Да се зажелиш за гласање

Потеклото на видеово е крајно официјално, направено е по нарачка на германскиот синдикат на работници во металската индустрија. Самиот клип е веројатно најдобриот пример како да направиш видео за гласање на избори на кое луѓе ќе му посветат внимание.

Како би изгледал ти на мет

Иако не е ни приближно одвратно до тоа на што би личел кога навистина би го користел, апликацијава зема ваша слика и ве претвора во 5-годишен зависник на метамфетамин.

Од коментаторската позиција во Јесенице

За тие што не се отидени во Словенија, натпреварите на македонската репрезентација се сведуваат на гледање 10 кошаркари (2 х 5) и слушање на еден ист глас. Без разлика колку се потрудил, Жаре не е ни близу до тоа што мора да го слушаме на секој пренос.

А ова е кога Вин Дизел ја препева Ријана

Ок не е некој Пол Потс или Сузан Бојл момент, ама па не е ниту Кен Ли. Песната што ја има избрано грамадава е Stay, и ја пее со мала помош (плејбек) од оригиналот.

Водителско no pasaran

Малку е ретро видеово, ама подвигот уште важи. Водителката добива од продуцентот список на вести и по кој редослед треба да одат. Главна вест за почеток на емисијата - Парис Хилтон. Епа, нема да може.

Како се калеше каталогот за долна облека

AdoreMe е стартап кој има собрани инвестиции од околу 8 милиони долари, и главна цел му е да и конкурира на Викторијас Сикрет. Ете, сега алибито ви е дека од чиста бизнис радозналост ќе го изгледате снимањето на нивниот каталог за да процените дали и колку тој ќе им помогне во остварувањето на нивната бизнис визија.