Off Topic

Лесни пари за лесни луѓе

Овде луѓе се заглавени по кладилници и мања-веча, но, во светот, главен муабет за комарџиски рефлекси се таканаречените пазари за предвидување во кои се влезени големи пари и бизнис империи (Трампови и други). Најголем меѓу нив е Полимаркет, бизнис проценет на 15 милијарди долари. Анализирале 1.100 видеа за да докажат дека за да с'скаат народ, Полимаркет плаќа за видеа со фејк добивки.

Екс Југославија како расадник за Светско

Иако просторите на поранешна Југославија имаат население кое изнесува само 0,2 проценти од светската популација, фудбалерите со етничко потекло од овие краишта прават 7,6% од играчите на Светското првенство во фудбал 2026 година и играат во дури 28% од присутните репрезентации.

Кога државник си ја почитува земјата, и империите знаат да се повлечат

Да ви раскажеме една епизода од богатиот политички и државнички живот на Ли Куан Ју, човекот кој се смета за татко на модерниот Сингапур која објаснува зошто тој се смета за еден од најголемите државници во 20-тот век. Личниот интегритет на еден лидер не е само квалитет кој важи за него, тоа е и капитал кој тој го вложува во градењето доверба и долгорочна успешност на една нација.  

Што се мисли таа Каталонија?

Во Каталонија (формално, Шпанија) некој продава имот со куќа, лозје и пар дребулии. Цената е мрсничка, 825.000 евра, но, почекајте ви кажеме што сè следува во таа цена па подоцна сами направете споредба со цените во Скопје и другите наши „велелепни“ средини.

И за висината ли лажеше бе, стари?

На њујоршката возачка дозвола од 2012 година, на негова 66 годишна возраст, наведено е дека Доналд Трамп е висок 187 сантиметри. Подоцна изгледа се има извишено па последниве години службите инсистираат дека е висок преку 190 сантиметри. Деновиве се сретна со лидерот на сенатското мнозинство Џон Тун кој е висок 193. Што значи дека разликата  меѓу нив би требало да биде само три сантиметри. А скоро цела глава е.

Лионел Меси е статистичка аномалија

Перформансите на аргентинскиот фудбалски патријарх во голови и асистенции толку остапуваат од нормалната крива на дистрибуција што кога просекот на висината на луѓето би изнесувал 1,75 метри, Меси би бил висок над 2,30 метри. Веројатно никогаш во животот нема уште еднаш да видиме таков феномен, во која било област.     

Зошто?

Перформансот е следен: девојка ја забива главата во нешто лебасто, и упорно продолжува додека комплетно не го раздроби парчето тесто. Зошто? Е зошто де...

Ако сте по лутото

 А овие двајца - се. Едниот има емисија за луто а за другиот е јасно ако знаете дека се вика Чили Клаус и важи за Мајкл Џордан на лутите пиперки. Откако ќе изгледате како симфониски оркестар свири под дејство на луто, доаѓа  вистинскиот предизвик. Пред себе имаат три вида пиперчиња. Од едните дури и слоновите повраќаат. А тие не се најлутите. Пазете го Чили Клаус какви "стомачни ритрни" преживува!

Фала што ме пушти на пешачки и Господ здравје да ти даде

Тоа е едно од оние мали културни шокчиња кога наш човек ќе отиде во пристојна земја, па му застанува кола на пешачки а тој има чувство дека треба да го поздрави возачот, да го награди, да го благослови.... А возачов дури тогаш почнува да го гледа чудно што му станало на овој. Не знае дека тоа ние од дома си го носиме. Руско пакетче.

Приказната на Здравко

„Човекот кој не може да умре“ е насловот на ова визуелно импресивно видео во кое Здравко Багаш го сумира своето сјебано детство и сјебан живот. Црногорецот умирал повеќе пати и никогаш тоа не го болело. Болело кога се враќал.

Сегашноста е поубава во ВХС

Имаме малку поделени чувства околу проектов бидејќи ги има сите предзнаци на хипстерај, ама воодушевува колку добро е направен. ВХС пакувања на нови филмови, истрошени ВХС пакувања, како најновиот Лудиот Макс да поминал низ рацете на секој можен член на Милтон, или Her со месеци да бледее на излогот на 4-ка. И тоа е првиот дел од проектот, вториот е и самиот филм да го врати од која и да е дигитална технологија во ВХС квалитет.

Што мисли Фејсбук за тебе

Фејсбук те почитува како човек, а му се допаѓаш и како карактер, ама многу повеќе те сака како некој на кој ќе му покаже бескрајна парада од реклами проткаена со по некој статус од пријателите. Ова со рекламите му е главен бизнис на Фејсбук и тоа го прави многу профи и педантно. За да не испадне дека ти вади муабети со рекламата за Цијалис, Фејсбук има цела листа на твои избори по кои одлучува што ќе ти пушти на ѕид. Листата ја има и кај тебе во профил.

Волво му даде на 4-годишно девојче да вози камион

Детска радост е кога од цела патека за возење ќе го слупаш камионот низ куќа, а кога ќе се свртиш никој од големите не ти вика ни збор. Да, девојчето го вози камионот преку далечинско. И овој пат како и со сите вакви успешни правења на мега мераци на деца, останува несоборливата дилема - оди после дома кажи и дека мора да го изеде целиот грашок или дека треба да си легне.

Колку многу погоди Микрософт во 1999-та

Сакаш праќање пораки преку џебен компјутер? Сакаш гео-лоцирање во живо? Сакаш Нест термостатот? Сакаш синхронизирање списоци, интернет телевизија (во смисла Нетфликс, Амазон прајм видео, Хулу, Року...), гласовни команди. Што сакаш, тоа. Имај предвид дека 1999-та е годината кога излегуваат Ериксон Т-28 и Нокиа 7110 и 8210.

Рециклажа на денот

Како да направиш жица / јаже / гајтан од пластично шише? Земаш пластично шише, фрлаш се што не е жица и ти останува жица! Лесно е, ама не толку. Еве ја целата постапка во едно видео, со демонстрација на крајниот производ.

Парче "Ѕвездени војни" за историјата

Не треба да сте фан, не треба ни да сте ги гледале филмовите, треба само да го изгледате клипов. На сите милиони дадени за снимање на филмовите, ова веројатно се најдобрите 8 секунди од целата франшиза, а не се ни дел од филмот.

За правото на толпата да биде во право

Протести на Универзитетот Мисури на тема која ни протоколарно не ја проследивме, ниту пак не интересира да ја збориме. Она што е интересното е опсервацијата околу еден инцидент кој се случи за време на протестите, кога на еден студент фото-репортер не му беше дозволен пристап кога сакаше да ги фотографира протестите. По ова следува главниот судар мои права вс. твои права, или како сакам да биде правилно вс. како е правилно.

Димензии на вистината

Едното е точно. И другото е точно. А вистината е сосема трета. Предлог за размислување пред да кажете или напишете нешто.

Лекција од која ништо нема да научите на денот

Ај ќе си играме една игра - јас ќе бидам набилдан, висок, фит и спастрен Германец и ќе ве учам вас како да не се срамите и дека девојките всушност едвај чекаат да им пријдете и сред бел ден да ги поканите на пијачка. Подеднакво употребливо како и сите други совети базирани на "што кај нас успеа, ќе успее и кај вас".

400 многу среќни ракетни научници

Ај вака почнете го пристапот кон видеово: колку пати во живот сте виделе ракетен научник што се радува? Ај сега тоа помножете го со 400. Причина што се радуваат ко тинејџерки што го виделе Џастин Бибер (или кого и да гледаат сега)? Успеаа да приземјат ракета.

Порнхаб божиќно чудо

Кои се бе тие предрасуди дека Порнхаб не може да сними поштена реклама за божиќните празници?

Како да разликувате вистински од лажни?

Ако не ви оди природно и од око, потребни ви се некои технички засилувања: набавете Ајфон 6 плус и снимајте со 240 фрема во секунда.  Е да, тоа е полесниот дел од набавката.

Амин на денот

Дечкото е на ивица комплетно емотивно да се искрши додека раскажува што му се случило. Тој разнесува пици, по работа отишол до црква и таму наишол на - луѓе. 

Машко муабетење

За тие што немаат доживеано, ова е веројатно најдобриот приказ за тоа како изгледа разговор меѓу двајца другари (да, клучно е да бидат машки) што цел живот се знаат. Колку се поблиски толку е ова поавтентично. Сè што треба за комплетирање на впечатокот е да замислите дека карши Оферман, има уште еден човек кој седи и го прави истото што и Оферман. Разговорот, текстот и приказната што би ги чуле остануваат потполно исти како и во клипов.

Компилација од Аца Лукас

Не, нема да ве образуваме на тема музика, компилацијата е од вицови на Аца Лукас. Да, клучни тагови на статијава се: Аца Лукас и вицови. На крај, пак подобар "ситком" од Цимери.