Off Topic

Некои луѓе имаат време. И тонер.

Еден обожавател на филмската франшиза „Дина“ испечатил 240 постери со кадри од својот омилен филм и ги поставил по прецизен редослед покрај еден пат. Зошто? За кога некој ќе помине со возило покрај овој дел со одредена брзина, статичните слики покрај патот да му се спојат во течна анимација и „да му направат филм“. Океј.

Водич за пиење од Леми Килмистер

Уште во 2005 година, пејачот и фронтмен на Моторхед, Леми Килмистер, во интервју даде неколку тешко стекнати совети за пиење алкохол. Тој отсекогаш важеше за исклучително веродостоен извор по ова прашање. Има тука неколку интересени цаки.

Новиот српски парламент има пратеник со боенка

Во новиот состав на парламентот на Србија има осум глумци, пола од кај студентите, пола од кај Вучиќ. Еден од кај студентите е и актерот Бојан Димитријевиќ, познат како наркоманот Пикац од серијата „Вратиће се роде“. На првиот ден на новата работа земал боенка, за кога ќе му биде досадно. Симпатично, ако човек заборави дека се колнеа како 24/7 неуморно ќе се борат со криминалниот октопод на претходната власт.

„Подобрата Србија“ демонстрира простаклук

Група победнички бадијалџии се собраа пред зградата на српскиот парламентг каде се одржува конститутивна седница на новиот парламентарен состав. За да им аплаудираат на своите и да викаат „уаа“ на другите (јаки потези, јаки герили). Најглупата меѓу нив ја потури со јогурт по глава актерката Лидија Вукиќевиќ која има мандат од СНС.

ВИ музиката ги доби своите Греми

Во Лос Анџелес биле одржани првите AI Music Awards за музика креирана со вештачка интелигенција. Распоредени во 25 музички жанра и три категории: скроз ВИ, делумно ВИ и хибридни песни во кои вокалот е на клониран човечки глас. Влез за настанот бил 250 долари. Ги имаме победниците. Некако ни немаат душа :)

Политичар е за да те фарба

Во 2021 година, локални политичари во изборна кампања решаваат да им покажат на своите гласачи дека тие се луѓе од народот па наместо само ветувања, да демонстрираат дека се подготвени конкретно да им помагаат на луѓе. На пример, да освежат со боја фасада на една скромна куќа, па удираат ваљак, се разбира, пред камери и новинари. Да ја видите куќата пет години подоцна.

Треба да ти текне

А на дечкото му текнало да ги најде сите места во Лондон на кои се направени омоти на реге плочи и од тие фотографии да направи книга. Погодете колку пари собра?

Екстерното на Лено

Легендарна анкета на Џеј Лено (за вакви работи кај нас цар беше Реџеп Пампур, бог да го прости), во кој се сумира капиталот од човечки ресурси формиран од образовниот и општествен систем. Кога ќе завршат сите реформи кај нас, може и ние вака ќе си знаеме.

Шпицот во Токио

Освен јапонската смиреност и упорност, ова видео открива и една модна пикантерија: мангупите носат шпиц кондури со црни шпицови за да не им се познае дека ги тискала врата од метро.

Курс за мажи

Tоалетна хартија: расте ли таа на држачот? Дали генетските фактори спречуваат да молчите додека таа се паркира? Фундаменталните разлики меѓу кошницата за валкана облека и подот.

Трамп верува во љубов

По феноменалниот дует со Хилари (тоа тука) музичката кариера на Трамп продолжува со уште еден дует, овој пат со Најџел Фараж, и еден сингл за своја душа.

Како никогаш повторно да не залепиш велосипедист со врата од кола

Има нешто што по основа на географско потекло и пракса се вика "холандско посегање" и иако звучи како име на многу конкретен фетиш, всушност е потег кој ќе помогне околу еден од најголемите стравови на секој градски велосипедист - да не му отвориш врата од кола пред нос.

Војната за рафтот во твојот супермаркет

Бројките се американски, праксата не е исклучиво американска или и кај нас локално непозната.

Чистењето улици никогаш не било поинтересно

Може не е интересно за работа, ама за гледање е магично. Исто така многу објаснува и за тоа како низ светов им успева „сè да им е чисто ко вчера да е правено“.

Се скарале Скандинавци, и ништо интересно не се случило

Да ти се смачи колку се неспособни Скандинавциве да се спукаат како луѓе. Колку се некадарни да распламтат еден поштен меѓунационален судир. Каде се тука мајките и сестрите? Каде е тука крвопроливање? Каде е господ и секогаш погрешната религија? Каде се народните херои? Каде е "не тој е наш херој"? Каде е "ние ве измисливме"? Како они само мислат дека со вакво однесување некогаш ќе се приклучат кон Балкан? Никад. Ќе скапат горе на тоа студот.

Бил Бур за Black Friday

Ден кога Американците најмногу го растажуваат. Зошто луѓето си го прават тоа? Што не се помират со фактот дека не можат да имаат нешто по регуларна цена?

Сообраќајот во Л.А.

Треба да тркнеш до другиот крај на градот. Се простуваш со најблиските, им кажуваш каде е тестаментот, со себе земаш апарат за бричење, катетер, печена кокошка, два терабајта музика, пар книги од Балзак, туце порно списанија, две туциња марамчиња, ЦД бокс за аудио курс по мандарински, прибор за прва помош, прибор за втора помош, мобилна апаратура за помали хируршки интервенции врз себе, дополнителни количества маст за проширени вени и хемороиди.... И оп, едно време, си стигнал!

Фудбал на пијано

Не на пијано, на камен пијано! Иако минималниот услов е еден промил, овие спортски ентузијасти прописно се направија ќофте пред да фатат топка. А судиијата е со дрегер за дување, за да пресуди дали некој гол е постигнат со регуларно количество на алкохол во крвта. Една утакмица на овие ајвани со македонската репрезентација би била резултатски крајно неизвесна.

Човекот кој уште не знае кој победил за претседател

Изборната ноќа ја преспал и утрината сфатил дека ништо не му фали што не знае. И оттогаш одбива да дознае, избегнува секакви медиуми а кога е надвор, става слушалки и носи плочка со напис "Не ми кажувајте кој победил". "Многу е мирно во моето балонче на незнаење," вели зен мастерот.

25 новинарски заповеди

Пoранешен уредник во Гардијан, Тим Радфорд, го кондензира своето новинарско искуство во јасни, иако понекогаш сурови правила за оние со амбиција да се занимаваат со оваа професија.

Ај да цртаме

Имате 20 секунди да го нацртате објектот кој ќе ви биде зададен а тоа машинчето треба да погоди односно да ви го признае резултатот.

Вистината во филмови базирани на вистински настани

Пример, The Big Short, филмот за хипотекарната криза во САД е 91,4% идентичен со настаните на кои се базира. Кај Bridge of Spies, тоа е и понатаму високи 89,9%. За разлика од нив The Imitation Game, филмот за Алан Туринг ги масакрирано вистините настани.

На што човек попрво да мисли

Во автомобил си и на едната страна ти се шетаат лав и лавица. ОК, вртиш глава на другата страна.

(Драги) камења на македонското новинарство

Колекција создавана десетина години, во редакциите на неколку македонски дневни и неделни весници, со цел уредниците и редакторите на ваквите писанија да се изборат за право на бенифициран стаж. Добра вест: дел од авторите на лапсусите во меѓувреме го напуштија новинарството. Лоша вест: дел од нив денес се угледни и влијателни репортери и уредници. Или заминаа во политичари.

Како не се најдоа Џорџ Лукас и Дејвид Линч

Се нашле тие двајца, ама, на салата. А со салата не започнало ниедно успешно сојузништво во историјата. 

Севдалинка со кауција

Една холандска театарска дружина, со неколку шишиња и пред себе и босански севдах во душа. Јутрос ми је ружа процветала, нек иде живот.

Да вратиме малку верба во нив...

Женски мудрости: "Не дозволувај да талкаат мислите на твојот маж. Премали се за да бидат сами надвор".

Машки ѕид на плачот

Они да си олеснат, а ти да се утешиш дека не си само ти на неразумни маки.