Збогување со украинската Мечта

Мечта (Мрија), технички познат како Антонов Ан-225, е најголемиот товарен авион што некогаш летал на планетава. Создадена за потребите на советската вселенска програма, чудовишната Мечта беше начекана неподвижна во хангарите на матичниот аеродром Антонов во близина на Киев и уништена на лице место за време на борбите меѓу Русија и Украина за аеродромот во Гостомел. Последен ангажман на Мечта беше да пренесе медицинска опрема од Кина во Данска.

Последен пат Мрија полетува од Киев на 2 февруари годинава кон кинески Тјенцин, потоа од таму продолжува со летови кон Бишкек, па во дански Билунд (каде носи медицински маски и друга заштитна опрема) и на 5 февруари се враќа назад во хангарот во Киев на аеродромот Антонов во Гостомел.


(Снимка од последното слетување на Мечта)

На 24 февруари 2022, на првиот ден од руската инвазија на Украина, група од триесетина руски хеликоптери тргнуваат во освојување на аеродромот Антонов на десет километри од Киев како клучна локација во операција. Дел од хеликоптерите носат од сто до неколку стотици руски падобранци кои треба да го комплетираат освојувањето на Гостомел. На земја руските падобранци се пречекани од украинските сили од 4-та бригада за брзи интервенции, кои беа поддржани од преостанатата украинска авијација.

Утре дента, на 25-ти февруари, руските сили објавуваат дека го освоиле Антонов аеродромот, подоцна истото го потврдуваат и украинските власти.

На 27-ми февруари Украинците објавија дека Антонов Ан-225, единствениот ваков авион во светот, е уништен. На 4-ти март истото го потврдија и руските медиуми. Двете страни се уште се расправаат кој ја уништил Мечта.

За разлика од смртта, создавањето на Антонов Ан-225 е далеку поинспиративно. Тој се базира на товарниот Ан-124, и треба да го помогне советското истражување на вселената.  Главен дизајнер на Ан-225 е истиот човек што го создава и Ан-124, Виктор Толмачев. Неговиот дизајн предвидува Мечта „на плеќи“ да го носи советското вселенско летало Буран.

Носивоста на Ан-225 е 250 тони внатрешно или 200 тони на горниот дел од трупот. Првично авионот има носивост од 600 тони, меѓутоа од 2000 до 2001 се прават модификации на авионот кои ја зголемуваат неговата вкупна тежина заради што мора да се намали на носивост. Во трупот на Мечта собира товар со ширина од 6,4 метри, висина од 4,4 метри и должина од 43,35 метри.

За да го постигне сето ова авионот има шест 3-метарски над 4-тонски Прогрес Д-18Т мотори и систем за слетување со 32 тркала.

Карактеристично е и тоа што авионот нема задна врата за товарање, како би се заштедило на тежина, па главниот товар влегува од предна страна со кревање на носот. При товарање предниот дел од авионот се спушта за подобар пристап.

Првиот лет на Мечта е од фабричкиот аеродром на фабриката Антонов, во Свјатошино, во близина на Киев, на дваесетина километри од Гостомел. Инаку, од почеток постоењето на Ан-225 не беше замислено така самотничко како што се случи, и беше планирано да се изградат два вакви авиона. Изградбата на вториот примерок пропаѓа со растурањето на Советскиот сојуз.

Антонов е во служба за советската вселенска програма од 1988 до 1991. Со распаѓањето на СССР, Мечта седи приземјен повеќе од 7 години. Заради неопходноста од многу поголем авион, кон крајот на 1990-те се почнува со обновување на Ан-225 како дел од флотата на Антонов ерлајнс.

Првиот лет на обновената Мечта е на 3 јануари 2002 од Штутгарт за Оман. Носи 216.000 подготвени оброци за американските воени сили во регионот. Оброците се товарени на 375 палети и тежат 187,5 тона.

Од тогаш Ан-225 не е застанат со работа, а за време на ковид пандемијата постојано носи заштитна медицинска опрема и залихи од Кина до останатите делови во светот.

На 5 февруари Мечта се враќа од Билунд во Киев и се паркира под хангарот на аеродромот Антонов.

9 март 2022 - 16:52