Искандер е подвижен ракетен систем со две балистички ракети од краток домет, во случајов меѓу 400 и 500 километри, кој името го добива од арапското име на Александар Македонски. Според главниот дизајнер на Искандер во КБМ (Конструкторско биро Машиностројенија) Валериј Кашин, Искандер може да носи најмалку седум различни типови на ракети („можеби и повеќе“), меѓу кои:
- Боева глава со касетна муниција.
- Термобарска боева глава.
- Боева глава за пробивање бункери.
- Боева глава со електро-магнетен пулс за анти-радар операции.
- Нуклеарна боева глава.
Главна намена на Искандер е уништување на против-авионска и против-ракетна одбрана. Двете ракети на Искандер се на погон на цврсто гориво, и секоја од нив може да се контролира за време на целиот лет до целта. За време на самиот лет проектилите можат да бидат „ре-таргетирани“ во случај да станува збор а подвижни мети. Ракетите имаат опција и за следење на мета, на која се „закачуваат“ и кон која се упатуваат со суперсонична брзина. Во крајната фаза од летот проектилот изведува маневри за избегнување и почнува со исфрлање „мамци“ за да може да го пробие системот за ракетна одбрана.
Од наредба до лансирање на првиот проектил се потребни 4 минути при висока подготвеност, или до 16 минути „од марш“, а сето ова го извршува екипа од 3-ца војници. Откако ќе биде лансиран првиот проектил, вториот може да се лансира за помалку од една минута.
Проектилот во лет може да постигне хиперсонична брзина од 2100 до 2600 милји во секунда (мах 6-7), и со одредена боева глава може да постигне грешка од 5 до 7 метри на дистанца од 500 километри.
Заедно со С-400 ракетниот систем Искандер се смета за столбот на руската стратегијата на „Зона на забранет пристап“, што подразбира дека „НАТО сили не можат да бидат лоцирани во домет на овие оружја без ризик од неприфатлива штета“. Ракетите што се користат за Искандер се основата за Кинжал хиперсоничниот крстосувачки систем на руската војска.
Првите битки на Искандер се во руско-грузиската војна во 2008, а 5-милиметарски шрапнел од еден Искандер проектил го убива и холандскиот новинар Стан Сториманс. Во септември 2009 руската војска објави планови за распоредување на Искандер во сите воени области на Русија.
За сега во оптек се три верзии:
- Искандер М, (стандардната) е опремена со ракетите од краток домет и е најраспространетата во руските воени сили.
- Искандер К (крилеста) носи неколку видови крстосувачки ракети и со краток (до 500 километри) и со долг домет (до 5.470 километри).
- Искандер Е (експорт) со капацитет за носење на нуклеарна боева глава, со максимален домет од 280 километри.
Според тврдењето на Кашин, колку што Русите знаат и се упатени во западната воена опрема и системи „Западот нема ништо со што може да одговори на Искандер“, ниту пак ќе има во скоро вреем.
ТВ Звезда, телевизискиот канал на руското министерство на одбрана, успева најмногу да му се приближи на Искандер и да изработи подолга (навивачка) репортажа за ракетниот систем: