„Руските згради“ на Кабул

Како дел од помошта што им ја пуштаат на авганистанските власти Русите уште во 1960-те почнуваат во Кабул да градат згради наменети за тогашните про-советски елити, од административци и академици до полиција и други безбедносни структури. По сите години војна, зградите се уште постојат и држат една од највисоките цени на метар квадратен во земјата.

Зградите (моделот што го избираат советите e „Хрушковка“, ниските бетонски руски згради склопувани на лице место како Лего коцки) се дел од плански градени населби кои Русите ги нарекуваат микро-реон, што со тек на време локално мутира во „макројан“.

Намерата на советските власти е да му покажат на локалното население дека ете има корист од тоа што Советите се таму. Секако, неуспешно.

На кратко време во 1980-те голем број од становите во зградите се зафатени од советски техничари и советници. Наводно самите станови во тоа време се сметале за ултрамодерни и луксузни, што одговара на тогашниот состав на жителите на соседството кој опфаќа и владини министри, професори и бирократија.

„Последниве седум години се крена мал град од бетонски станбени згради и продавници во предградието на Кабул. Ова е советската област, минијатурна Москва што е центар на одделен и затскриен свет во кој живеат илјадници советски цивили кои живеат и работат тука,“ пишува Њујорк тајмс во репортажата од Кабул од јануари 1987.

Затоа што по повлекувањето на Советите во овие населби се одвиваат крвави битки меѓу муџахединските фракции, тамошните жители немаат како да ги однесат своите мртви на гробишта, па тие се закопувани во парковите околу зградите, и гробовите се останати таму и ден денешен, како дел од сценографијата.

Мирот во микро-реоните доаѓа во времето на Талибанците и од тогаш овие делови од градот се поштедени од секакви борби.

Како еден по побезбедните и елитни делови од Кабул становите во руските згради знаат да чинат околу 150.000 долари. Цената ја крева тоа што се работи за дел од градот во кој има канализација и централно греење.

7 октомври 2021 - 16:24