
Од 47 тестирани безбедносни механизми на Инстаграм, само осум се целосно ефикасни. Останатите беа или несовршени, веќе не се достапни или беа значително неефикасни, се наведува во извештај на групи за заштита на младите корисници.
Две од групите зад извештајот – британската Фондација „Моли Роуз“ и американската Родители за безбедни онлајн простори – се основани од родители на деца што починале како резултат на содржини со малтретирање и самоповредување објавени на платформите на Мета.
Во јануари 2024 година, извршниот директор Марк Закерберг на сослушување пред Сенатот на САД им се извини на родителите што тврдат дека нивните деца биле повредени од содржини на платформите на Мета. Оттогаш, компанијата воведе голем број мерки за да ја зголеми безбедноста на децата.
Наодите ги доведуваат во прашање напорите на Мета да ги заштити тинејџерите од најлошите делови на платформата. Користејќи реални сценарија за тестирање, видовме дека многу од безбедносните алатки на Инстаграм едноставно не работат, изјави Лаура Еделсон, професорка на Универзитетот Нортистен, која го надгледувала тестирањето.
Филтрите за пораки против малтретирање не се активирале дури ни кога биле поттикнати со истите вознемирувачки фрази што Мета ги користела во соопштението за зајакнувањето на безбедноста. Не се активирала ни функцијата наменета да ги пренасочи тинејџерите од прекумерно гледање содржина поврзана со самоповредување.
Портпаролот на Мета, Енди Стоун, оспори некои од заклучоците на извештајот како „опасно погрешни“.
Тинејџерите гледале помалку чувствителна содржина, доживеале помалку непосакуван контакт и поминувале помалку време на Инстаграм навечер. Ќе продолжиме да ги подобруваме нашите алатки и ги поздравуваме конструктивните повратни информации – но овој извештај не е тоа, изјави Стоун.