ФСБ анализа на војната во Украина

До рускиот активист за човекови права и основач на Gulagu.net (проект за борба против тортурата и корупцијата во руските затвори), Владмир Осечкин, стигнува една неофицијална анализа за војната во Украина изработена од (непотврден) свиркач аналитичар на ФСБ, кој лично работел на руските анализи пред војната, а и откако таа почна.

За Кристо Грозев, главниот истражувачки новинар на Белингкат (холандската група за истражувачко новинарство) за Русија, иако не може да се биде сигурен околу автентичноста на писмото, тоа е поразлично од досегашните украински лажни писма кои наводно потекнуваат од ФСБ заради самото тоа што доаѓа од угледен извор (Осечкин) и тоа што е подолго отколку што фалсификатор би избрал да го направи.

„Писмото им го покажав на два контакти од ФСБ (сегашен и поранешен), и тие не се сомневаат дека тоа е напишано од нивен колега. Тие не се согласуваат со сите заклучоци, но тоа е друга приказна,“ пишува Грозев на Твитер.

 

Текстот во продолжеток:

Едвај спиев сите овие денови, главно цело време сум на работа, мозокот ми е замаглен. Можеби од преработеност, но се чувствувам дека живеам во надреален свет.

Пандорината кутија е отворена - вистинскиот глобален ужас ќе почне летово - глобалниот глад е неизбежен (Русија и Украина се главни производители на пченица, годинава родот ќе биде помал, а логистичките проблеми ќе ја доведат катастрофата до својот пик).

Јас не можам да ви кажам од што се водеше раководството кога ја донесе одлуката за операцијата, но во моментов нас (ФСБ) систематски нè обвинуваат за сите грешки. Нас нè прекоруваат за аналитиката, што е мое поле и ќе објаснам зошто не е така.

Во последно време се врши се повеќе притисок да изработуваме извештаи по мерак на раководството, и за ова ќе зборувам подоцна. Сите овие политички консултанти, политичари и нивните луѓе, центри на моќ - сите тие предизвикаат хаос. Голем.

И најважно - никој не знаеше дека ќе има ваква војна, тоа беше криено од нас. На пример - од тебе бараат (да кажеме) да ја процениш можноста од заштита во разни ситуации, вклучувајќи напад врз затворите со метеори. Па ти го разгледуваш нападот. Па ќе ти речат дека сето ова е само хипотетички и да не се оптоваруваш со детали. Ова значи дека извештајот ќе биде само за покажување, што значи дека тој треба да биде победнички, за да нема после дополнителни прашања, зошто кај вас има вакви проблеми, дали доволно напорно работеше (на извештајот). Па затоа во извештајот пишува дека ако ни падне метеор ние ги имаме сите средства за елиминирање на последиците, ние сме најдобри, сè е во ред. А за да се концентрираме на реалните задачи - кај нас и онака нема сила. И потоа одеднаш кога стварно ќе почнат да паѓаат метеори тие очекуваат дека сè ќе биде според нашите аналитики кои се чисто ѓубре.

И затоа тотално заебавме - не ни сакам да изберам друг збор. Од исти причини немаме како да се заштитиме од санкциите: сосема е возможно дека на Набулина (претседателката на централната банка) ќе и накалемат небрежност, но за што е таа виновна? Никој не знаеше дека ќе има таква војна, па затоа никој не се подготвуваше за такви санкции. Тоа е лошата страна на таинственоста: бидејќи никому не му беше кажано, тогаш кој можеше да го пресмета тоа што не беше кажано?

Кадиров полуде. Ние (ФСБ) за малку не влеговме во судир со него: можно е и Украинците да му пуштиле информацијата дека ние сме тие што го издале движењето на специјалните сили на Кадиров во првите денови од операцијата. Нив таму страшно лошо ги покрија, тие уште не почнаа да војуваат, а веќе беа распарчени на неколку места. И одма: ФСБ им ги дало информациите на Украинците. Јас таква информација немам, но ќе оставам 1-2% веројатност (бидејќи и тоа не може да биде сосема исклучено).

Блицкригот не успеа. Сега е едноставно невозможно да се заврши задачата: Ако Зеленски и функционерите беа заробени во првите 1 до 3 дена, а клучните згради во Киев освоени и тие издадеа наредба за предавање - да, отпорот ќе беше сведен на минимални вредности. Теоретски. Но што потоа? Дури и оваа идеална варијанта има нерешливи проблеми: со кого ќе се преговара? Ако го победиме Зеленски - во ред, со кого тогаш ќе потпишеме договор? Ако Зеленски потпише, тогаш кога ќе го тргнеме, договорот ќе биде безвреден. ОПСЖ (опозициската партија што соработуваше со Русија) одби да соработува со нас. Медведчук, кукавицата, избега. Има и втор лидер таму - Бојко, ама тој не сака да работи со нас, а дури и неговите луѓе не го разбираат. Сакаа да го вратат Царјов, ама дури и про-русите се против него. Да го вратиме Јанукович? Ама како?

Ако велиме дека е невозможно да се окупира земјата, тогаш која било наша власт таму ќе биде убиена во рок од 10 минути откако ќе си отидеме. Да се окупира? А каде ќе најдеме толку луѓе? Команден кадар, воена полиција, контра-разузнавање, безбедност - дури со минимално спротивставување од локалците, за тоа ќе ни требаат над 500.000 луѓе. Притоа не го броиме логистиката потребна за снабдување. А се знае правилото за покривање на неквалитетен менаџмент со квантитет - сè ќе направиш полошо. И ова е идеалната опција, повторувам, која не постои.

И сега што? Мобилизација не можеме да објавиме од две причини:

1. Масовна мобилизација ќе ја поткопа ситуацијата во Русија: политичка, економска и социјална.

2. Нашата логистика и онака веќе е прерастегната. Ќе ангажираме многу поголем контингент и што ќе добиеме? Украина е огромна држава по територија. А во моментов нивното ниво на омраза кон нас е астрономско. Нашите патишта едноставно не можат да издржат сообраќај од толкави конвои - сè ќе застане. И раководно нема да може да го решиме ова заради хаосот.

И овие две причини постојат истовремено, иако и само една е доволна.

Загуби: не знам колку ги има. Никој не знае. Првите два дена се уште имаше контрола, сега никој не знае што се случува таму. Можно е да се изгуби комуникација со големи единици. Тие може да воспостават контакт, а може и да се распрскаат ако се под напад. И таму дури ни командантите може да не знаат, колку од нив се избегани во околината, колку се убиени, а колку заробени. Бројката на смрт е во илјадници. Може да е 10 илјади, може и 5, а може и само 2. Дури и во штабот не знаат точно. Меѓутоа би требало да е поблиску до 10. И тука не ги сметам силите на ЛДНР - тие посебно си бројат.

Сега дури и да го убиеме Зеленски, да го заробиме - ништо нема да се смени. Тоа е Чеченија во однос на омразата кон нас. И сега дури и тие што ни беа лојални, се против нас. И тоа е затоа што операцијата беше планирана од горе, затоа што ни зборуваа дека такво сценарио нема да се случи освен ако први не нè нападнат. Затоа што ни рекоа дека треба да креираме максимално кредибилна закана за да можеме мирнодопски да го договориме исходот. Затоа што веќе подготвувавме протести против Зеленски во Украина. Без сметање на наше директно влегување.

Сега, цивилните загуби експоненционално ќе растат, а отпорот кон нас само ќе се засилува. Тие веќе пробаа да влезат во градовите со војска - од 20 десантни групи само една имаше некаков успех. Сетете се на нападот на Мосул - тоа е правилото, се случува во секоја држава, ништо ново.

Да ги држиме под опсада? По искуствата од воените конфликти во Европа во последниве децении (Србија како најголем тест) градови можат да издржат под опсада со децении и понатаму да функционираат. Хуманитарните конвои од Европа ќе пристигнат, само е прашање на време.

Нашиот условен краен рок е јуни. Условен - затоа што во јуни кај нас нема да има останата економија, нема да има ништо останато. Се очекува дека следната недела ќе биде пресвртница за една од државите, едноставно затоа што ваква пренапната ситуација не може да се издржи. Анализи нема - ваков хаос не може да се пресмета, ништо не може да се каже со сигурност. Се работи интуитивно, па дури и на емоции - ама ова не ви е покер. Влогот само ќе се зголемува, во надеж дека некоја опција ќе се појави. Проблемот е што така можеме нешто погрешно да пресметаме и во еден чекор сè да изгубиме.

Главно земјата (Русија) нема излез. Едноставно нема варијанта за можна победа, остана само пораз, отидовме сосема. 100% го повторивме почетокот на минатиот век кога решивме да ја нападнеме слабата Јапонија и да извојуваме брза победа, па потоа излезе дека армијата има проблеми. Потоа почнавме да водиме војна до победоносниот крај, па почнаа да испраќаат болшевици на „превоспитување“ во армијата - сепак тие беа маргиналци за кои никој не се интересираше. И тогаш овие едвај познати болшевици почнаа да ги шират своите анти-воени пароли и така почнаа работите...

Позитивна страна: направивме се за никој да не се посомнева дека сме започнале со масовно испраќање на казнени единици на фронтот. Ако почнеш да регрутираш од „општествено непосакувани“ политички затвореници (за да не ти ја матат водата по дома), моралот на армијата едноставно ќе исчезне. А противникот е мотивиран, чудовишно мотивиран. Тој знае како да војува, има доволно команданти. Има доволно оружје. Има поддршка. Ние едноставно ќе поставиме преседан за човечки жртви во светот. И тоа е се.

Од што најмногу се плашиме: дека врвот ќе почне да работи по старото правило на покривање на стариот проблем со нов проблем. Во добар дел заради тоа започна и Донбас во 2014 - беше неопходно да му се одвлече вниманието на Западот од темата Руска пролет во Крим, па кризата во Донбас требаше да го привлече целото внимание и да стане предмет на пазарење. Меѓутоа таму почнаа уште поголеми проблеми. Тогаш решија да го притиснат Ердоган за четири цевки од Јужен тек и влегоа во Сирија - и ова е откако Сулејмани даде свесно лажни податоци за да си ги реши своите проблеми. Како резултат на ова - проблемите со Крим не ги решивме, проблемите со Донбас останаа, Јужен тек се намали на 2 цевки а Сирија ни остана закачена како уште една главоболка (ако заминеме, ќе го соборат Асад а ние ќе изгледаме како идиоти, но и ако останеме ќе биде тешко и бескорисно).

Јас не знам на кого му текна „украинскиот блиц-криг“. Ако ни дадеа реални информации, ние барем ќе им кажевме дека почетниот план е спорен, и дека има многу што треба да се коригира. Ептен многу. Сега сме влезени во гомна некаде до врат. И не е јасно што да се прави. „Денацификација“ и „демилитаризација“ - тоа не се аналитички категории, бидејќи немаат јасно дефинирани параметри по кои може да се утврди нивото на исполнување и неисполнување на поставената задача.

Сега останува да видиме кој ебан советник ќе го убеди врвот да се почне конфликт со Европа со барање да се намалат санкциите. Или да се намалат, или војна. А што ако одбијат? Сега јас не исклучувам дека би можеле да бидеме вовлечени во вистински меѓународен конфликт како Хитлер во 1939. И потоа нашето Z да биде едначено со свастика.

Дали постои можност за локализиран нуклеарен удар? Да. Не за воени цели (тоа нема ништо да подобри - тоа е одбранбено оружје) туку со цел да ги заплаши другите. Во исто време Наријшкин и неговото СВР ќе ја преврти Украина за да докаже дека таму тајно создавале нуклеарно оружје.

Ебате, они сега лупаат по тоа што одамна сме го учеле и разјасниле: не можеш преку колено да црташ докази, присуството на експерти и ураниум (Украина има изобилие на осиромашен изотоп 238) - не значи ништо. Производствениот капацитет е таков што не можеш да го направиш незабележително. „Валкана бомба“ не можеш да направиш незабележително, а во старите нуклеарни електрани можеш да произведуваш плутониум за оружје, но таму Американците воведоа такви контроли со вмешувањето на ИАЕА, што обесувањето на темата е глупо.

Знаете што ќе се случи за една недела? Не, ајде нека бидат две. Така ќе не затворат што ќе почнеме да се присеќаваме на гладните 90-ти. Додека берзите ги затвораа Набулина преземаше нормални чекори - ама тоа е како со прст да затнуваш дупки во брана. Ништо нема да биде решено за 3, 5 или 10 дена.

Кадиров со право удира со копитата - и тие таму имаат своја авантура. Тој за себе создаде имиџ на влијателен и непобедлив. И кога еднаш ќе падне - него неговите ќе го уништат. Тој повеќе нема да биде победникот.

Следно. Сирија. „Момците издржете, кога Украина ќе се заврши - во Сирија уште повеќе ќе се утврдиме“. А сега во секој момент таму се очекува на контингентот да му снемаат залихи - а горештините следуваат. Турција ни го блокираше Црното море, а превоз на залихи со авион е како  со пари да ложиш печка.

Имајте предвид - сето ова се случува истовремено, ние не можеме истовремено се да ставиме на еден куп за анализирање. Кај нас ситуацијата е како во Германија 1943-44. Ама веднаш на стартот. Понекогаш сум веќе изгубен во преработеноста, некогаш изгледа како сето ова да  ми се причинува и е само сон, дека сè е како порано.

Инаку, во затворите ќе биде уште полошо. Сега ќе почнат уште повеќе да ги стегаат шрафовите до пуштање крв. Секаде. Да бидеме искрени, чисто технички, тоа е единствената надеж за одржување на каква било контрола врз ситуацијата - ние веќе сме во режим на тотална мобилизација. Но не можеме многу долго да останеме во таков режим, а имаме и нејасни рокови, па за сега ќе станува само полошо. Владеењето секогаш застранува по мобилизација. Можеш да трчаш 100 метри спринт, ама да одиш на маратон и да го истрчаш во спринт - тешко. Кај украинскиот проблем се залетавме како на спринт, а сме на крос-кантри маратон.

И тоа е тоа што имам многу, многу кратко да го кажам за случувањата.

Од циничност само ќе додадам дека јас не верувам дека ВВ Путин ќе го притисне црвеното копче и ќе го уништи целиот свет.

Прво, таа одлука не ја носи еден човек, ќе има некој што ќе се спротивстави. А таму има многу луѓе - никако не се работи за „едно црвено копче“.

Второ, постојат сомнежи дали таму сè функционира како што треба. Искуството покажува дека колку е поголема транспарентноста и контролата, толку е полесно да се идентификуваат недостатоците. А таму каде што не е јасно кој контролира, и постојано испорачува извештаи полни со бравури - таму секогаш нешто не е како што треба. Јас не сум ни сигурен дека системот на црвено копче функционира како што го претставуваат. Дополнително, плутониумското полнење треба да се менува на секои 10 години.

Трето и ова е најгнасно и најтажно, е што јас лично не верувам во подготвеноста на Путин да се жртвува себе си како човек кој ни на членовите на Советот на Федерацијата, ни на своите најблиски соработници и министри, не им дозволува да му се приближат. Не е важно дали заради страв од коронавирус или од напад. Ако се плашиш да им дозволиш да ти се приближат луѓето околу тебе во кои најмногу веруваш, тогаш како ќе се осудиш да се уништиш себе и своите најблиски?

Ако треба нешто прашајте, ама нема да можам неколку денови да ви одговорам. Работиме на највисока брзина, и постојано има нови и нови задачи.

Генерално, нашите извештаи се охрабрувачки, ама се оди во мајчину.

виа
Владимир Осечкин

8 март 2022 - 18:54