Филмот бил за еден голем човек кој верува дека животот е една голема пара, а големата пара треба одма да се списка а не да се ситни и да се тегне за да трае што е можно подолго, затоа што со ситни пари не можеш ништо да купиш.
И како што верувал, така и живеел, на свое задоволство и на свој зијан.
Вели, среќен човек не може да напише песна.
А имал причини за среќа ама бил во Сизифовска битка со неа, па секој пат кога ќе ја осети, како да се труди побрзо да ја уништи.
Знаел и како да парира на секое подло пробивање на среќата во неговиот живот, па кога ракијањето немало да заврши работа, тогаш се фаќал за следното зло, што во неговиот список секогаш било коцкањето. И тоа коцкање од сортата од која во најдобар случај ќе останеш само без пари.
Да нема забуна дека главниот лик немал помош во самоуништувањето, во повеќе наврати него го крши едно исто „не“ од една иста љубов која никогаш се нема случено, љубов заради која и почнува што било и тргнува со својата приказна, а некои од попатните љубови што му се имале случено, неуморно му помагаат да го допре дното.
Како што ни раскажуваат, излегло дека збирот од сите овие црнила од животот на овој човек се химни на милиони и милиони луѓе кои живеат во една поранешна и неколку нови држави, кои како да се вмрежени од неговата болка и тага. Неправдата е што малку кој од овие милиони што во своите најтешки моменти ги рецитираат неговите зборови, имаат поим за маките од кои се жнеат овие кафански епови.
И видиш, многу било важно да не се заборави дека на крајот од краиштата тоа не било ниту лош, ниту тажен живот, само живот кој не бил компромитиран од ветувањето што доаѓа со ситните пари.
Живот кој веројатно поинаку не ни можел да се одживее.
Легенда што никако не би можела да се лажира.
Еп за една душа.
А кафаната? Тоа е наше да ја најдеме.