Четботот Клод му помогнал на Пентагон да го грабне Мадуро

Покрај тоа што САД отворено и дрско ги прегазија сите можни меѓународни закони и конвенции со дрското грабнување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, во операцијата користеле и алатка со ВИ, иако е забранета за воена намена. Ова е првиот потврден случај. Можеби имало повеќе. Толку од приказната што ѝ се сервира на јавноста дека ботовите се само за хумани цели.

Клод на Антропик е првиот јазичен модел со ВИ за кој е потврдено дека бил користен во директна воена операција, тврдат доверливи извори на Волстрит журнал. Пентагон досега користел ботови како помошна алатка во фаза на планирање акции – на пример за анализа на сателитски снимки или разузнавачки податоци.

Изворите на весникот тврдат дека на 3 јануари Клод бил користен активно во воената операција, која опфаќаше бомбардирање на цели во Венецуела и десант на командоси врз резиденцијата на Мадуро во Каракас. Беа убиени десетици војници, главно телохранители на Мадуро. Сепак, не е позната прецизната намена на алатката, која има капацитет брзо да процесира податоци и да дава резултати во реално време.

Антропик одбива да коментира дали биле известен за злоупотребата и дали реагирал до Пентагон.

Секое користење на Клод во приватниот и владиниот сектор мора да ја почитува нашата политика за употреба. Тесно соработуваме со сите наши партнери за да се придржуваат до тоа, објави Антропик.

Политиката за употреба на Антропик забранува користење на ботот „за олеснување насилства, развој на оружје или надгледување“. На вебсајтот е нагласено: „ВИ во служба на хуманоста и долгорочна благосостојба“.

Анонимен американски офицер изјави за Аксиос дека Пентагон ја разгледува можноста за раскинување на договорите со „секоја компанија што би можела да го загрози успехот на операција на нашите борци на терен“.

Антропик склучи договор со Министерството за одбрана во вредност од 200 милиони долари, но дава свои производи и на Палантир, компанија за развој на софтвер со ВИ, која лани со Пентагон склучи десетгодишно партнерство од 10 милијарди долари за 75 разни проекти.

14 февруари 2026 - 15:26