Зошто се манекенките толку слаби?

Наместо верглање во празно за како е, и како треба да биде, наместо протести и промовирање на погрешни ставови, имаме еден скроз трезвен, непретенциозен и со факти издржан муабет од девојка што е внатре во модната индустрија.

На кратко, не е стандардот „слаба манекенка” затоа што некои таму строги, лоши чичковци мразат жени. Напротив, многу им е гајле за сите облици на женското тело додека не го произведат парчето облека.

Едноставно е: многу е полесно и поевтино да се произведе облека кога манекенот што треба да ја прошета има унифицирани пропорции. Полесно е да го сошиеш парчето за слаба, даска-девојка, наместо за девојка со облини. Потоа, секоја жена кога ќе дојде и ќе го побара истото за себе, веќе можеме да разговараме за величини. А од '80-ти навака, не е битна девојката, колку што е битен моделот што го носи.

Понатаму, не било отсекогаш така, во превод не сме ние со векови задоени дека совршено значи слабо. Во '20-ти е даска, во '50-ти е песочен часовник, во '70-ти е атлетска градба. Во '90-ти е Синди Крафорд, совршена за своето време и тогашниот тренд, денес е ќерка и, Каја, сосема различна, и исто така совршена и за своето време и моменталниот тренд.

Покрај ова, а и во духот на неверглањето во празно, пред нас се поставува и потенцијално решение: како да се влијае на стандардот за убавина, затоа што воопшто нема дискусија дали ќе се смени (ќе се).

23 април 2019 - 00:00