Многу важно:

Зошто решив да не живеам со дечко

Хејли Наман, која работи за еден од најважните женски блогови денес, има дечко, го сака, ама решава да не живее со него. И многу е важно зошто.

„Долг беше патот до последниот разговор на таа тема: шест месеци се шуткавме со треба или не треба, со постојани скршнувања за 180 степени. Се гордеев со нашата способност да танцуваме околу оваа несигурност - ми изгледаше зрело, паметно, спротивно на импусливно - но мислам дека и двајцата мислевме дека на крај ќе кажеме 'Ајде!', наместо 'Ај не.' Но сепак, се гордеев и дека размислувањето се покажа како потребно, дека не беше само глуматарање дека 'сме размислиле'.

Идејата дека треба да живееме заедно се материјализираше една есен, и тоа многу лесно: ‘Можеби треба да си најдеме сопствен стан,’ рече тој. Гледавме филм на мојот кауч и се вртевме секогаш кога ќе помислевме дека доаѓаат моите цимери.

‘Да?’ реков јас, зачудена што тој го кажува тоа што јас го мислам.

‘Да,’ вели тој.

После таа вечер често се навраќавме на идејата, разгледувајќи ја од различни агли. Деталите беа во наша корист: И на двајцата ни истекуваше договорот со цимерите за шест месеци; двајцата порано сме живееле со партнер и ни се допаднало; имавме по 28 и 31 година и веќе бевме на возраст каде што општеството сметаше дека е во ред да го ‘преземеме следниот чекор’.

Во тоа време, живееме на пет блока оддалеченост, што понекогаш изгледаше минимално, некогаш неподносливо, во зависност од денот. Неколку пати во неделата го поминувавме тој пат, некогаш скоро со трчање за да помине побрзо, некогаш во цик-цак за да биде подолго. На една таква фина прошетка, фатени за рака, јас признав дека иако сум живеела со партнер порано, веројатно сум го направила тоа пред да дојде вистинското време затоа што сум била вљубена и дека се секирам дека пак го правам истото.

‘Сакам убаво да размислиме за ова и да не се занесеме само затоа што звучи забавно,’ му реков тогаш.

Се согласивме дека ќе продолжиме да размислуваме.

Во следните месеци, ми се појави уште еден притисок: отсекогаш сонував да живеам сама и ако не се преселевме заедно, ова ќе ми беше прва шанса. Во ова ми се заплетка и желбата да го послушам мојот независен дух - истиот што ме донесе во Њујорк и секогаш ме вадеше надвор од мојата комфорна зона, а историски се повлекуваше секогаш кога ќе се вљубев. Како да ми се лизгаше од раце. Тој веќе живееше сам и познаваше многу луѓе, па мене ова ми беше лично моја пречка и ја истражував до бесвест: Толку ли сакам да живеам сама? Да не претерувам? Што ако е претешко, прескапо и преосамено? Што ако само ми е страв да не се заглавам и оваа желба е резултат на тоа?

Кога му го раскажав сето ова, тој ме тераше да си верувам на инстинктот, ме убедуваше дека ќе биде среќен со кој и да е избор и јасно кажуваше дека одлуката ја остава на понервозната страна, односно на мене.

Многу скоро, на моите фантазии да живеам сама им се придружија и фантазии за заедничко готвење, дебати во ИКЕА и неделни попладниња гушнати на кауч. Почнав да размислувам колку ќе ни биде светло дома, колку растенија ќе чуваме и колку многу ќе ни биде забавно. Како што почна да се оформува таа иднина, се обидов да ги игнорирам опипливите придобивки - ќе делиме кирија, ќе поминуваме повеќе време заедно, заеднички имот - знаејќи дека не треба заради нив да одлучам. Но еднакво беа привлечни, и веќе до празниците, почнав да им кажувам на пријателите и семејството за новите вести.

Сепак, дури и тогаш, тој ми зборуваше дека алтернативата е се уште на маса, и колку и да сакав да ја отфрлам, дел од мене се согласи да остане на маса. Можеби и тоа беше проблемот, што си дадовме толку време да одлучиме: имавме толку многу време да одлучуваме. И како доаѓаа следните месеци, ги користев да си ја анализирам мотивацијата. Зошто сепак сè уште размислував да живеам сама? Дали тоа значеше дека секогаш ќе жалам што не сум пробала? Дали брзав затоа што бев вљубена или затоа што истекува договорот, или затоа што едноставно има смисла? Никогаш си немав дадено многу време да се прашувам за нешто толку отворено и без агенда и кога ќе ми станеше непријатно од не-баш-среќната вистина - дека избирам да живрам со него само затоа што тој избор е полесен и дека сум заглавена во тој модерен тајмлајн што вика ‘ајде, ајде, ајде’ - многу ми е драго што си дозволив така.

Некоја помлада верзија од мене ќе ме прекинеше и ќе го наречеше сето ова анксиозност. Но овој пат, се слушав внимателно и се осмелив да се предомислам. Го повлеков тоа што си го кажав на себе, на дечко ми, на семејството и пријателите. Го направив изборот што, барем однадвор, изгледаше како да ја осудувам на пропаст врската во која не се ни сомневав. Ми беше толку туѓо да бидам толку неромантична. Но додека се тресев на таа клупа во парк додека му кажував ‘Не сакам да мислиш дека ова значи дека се сомневам во нас’, а тој ми рече ‘Знам, ти верувам’, и бев преплашена дека ја повредувам личноста што толку ја сакам, ме обзема и една неочекувана самодоверба. Речиси и да не ми се веруваше дека сум се послушала во момент кога тоа изгледало толку несоодветно. Под целата таа неудобност, почувствував зрак на гордост.

На спектарот на сериозни животни одлуки, оваа не беше многу монументална. Но поминав шест долги месеци во студирање на картите што ми беа поделени, знаејќи точно која рака повеќето луѓе чекаат да ја изиграм, и не ја изиграв. И, додека готвевме заедно пред некоја вечер, во мојот еднособен стан, додека возбудено разговаравме за новите пет блока оддалеченост меѓу нашите нови станови, ми текна дека да изиграм по мое не беше толку страшно колку што мислев дека ќе биде. На крај, сепак излезе романтично.”

Хејли Наман

18 мај 2018 - 15:28