Неделна доза ентериер:

Зошто ние немаме вакви работи?

А да, земјотрес и отсуство на естети во градежната индустрија, јасно.

Значи се работи за Источна 64 улица 163, Менхетн, Њујорк. Рај за внатрешноуредувачки очи, а богами и екстериерот прави лиги. Дури и кога не ти се совпаѓа со вкусот - мораш да му признаеш.

Прво, нешто непознато на нашите простори - фасадите се унифицирани, (ако не се, тоа е затоа што им е задржан првобитниот екстериер) веројатно со декрет мораат да бидат, затоа што така прават некојси таму градови на кои им е битно градот, улиците и маалата убаво да изгледаат. Ликот, Рон Брик има повлијаено на екстериерот, колку што смее, а ентериерот е целосно негов.

Описот вели вака:

Версај во Менхетн... Изградена во 1872 од Џон Г. Праг, куќата на пет спрата е конструирана во варовник и безвременска црвена глинена цигла. Посетителите влегуваат преку сигурносна електрична порта напред, а откако ќе влезат преку влезната врата, во ентериерот ги пречекува грандиозно фоаје. Приземјето почнува со галерија од огледала, длабоко е 27 метри, со библиотека од англиски бор и прекрасно пропорционирана дневна соба која истекува во двоспратен стаклен атриум. Формалната трпезарија елегантно го завршува овој простор за живеење и пречекување гости. Куќата има материјали и детали со музејска вредност. Вакви има по должината на целата улица, со дрвореди и историски канделабри. Иако не е заштитен како културно наследство, целиот блок е составен од историски домови со заливни прозори, декоративни патеки и шекспировски балкони.

Не е заштитено како културно наследство, општина лајкс дис.

...улица со дрвореди и историски канделабри... Уште повеќе лајкс дис.

Пред да се изнервирате (поточно изнервираМЕ), да позбориме уште малку за финоќата претставена тука.

Прашање на вкус е, секако, ама ако сме малку реални, веројатно е напорно да се живее во музеј, иако многумина нема да се согласат и ќе речат дека шведски минимализам е понапорно. Сите ќе бидат во право.

Овде е осмислено до детаљ, до ѕид во ходник, до лифт, до таван на лифт.

Сопственикот е музичар, па природно, целиот втор кат му е како сет за снимањето на „Амадеус“, само што, има вметнато брилијантно озвучување на целиот кат.

Исто, ако сте се прашале некогаш како би изгледало шанк во време на Луј 14 - имате. Тоа им е и омилен дел од куќата на сопствениците.

Има толку многу детали - глава да те заболи. Цена нема, затоа што кој ќе пие два кафетина еден по друг.

Повелете:

30 април 2020 - 15:02