Зошто не можеме да имаме јавни куќи

Од некаде на Инстаграм почнува да се движи слика од домашно-испечатена објава, за некоја наставничка од Скопје, што, пазете - крадела мажи. Не дека е прогласот од одмазда - од алтруизам е.

Прво, текстот се шета по интернет со името на наставничката школото каде што работи и предметот што го предава. Ние овде го сокривме, затоа што не може така лесно да се расфрламе со нечие име и идентитет, кога не знаеме дали е точно, а особено не кога се работи за ваква велепна заблуда и безобразлук од страна на авторот.

Имено:

Кои точно методи треба да се употребат во близина на оваа страшна наставничка, и кои точно мерки треба жените за кои е наменето предупредувањето да ги преземат за да ги заштитат своите мажи од „нејзините курвински игри”?

Ајде да се вратиме малку погоре, на насловот: Често реакцијата на прашањето „Дали треба да се легализира проституција и јавни куќи (и зошто не)? се врти околу проблемот наречен „како ќе си ги задржиме мажите дома ако е све тоа легално?”

Поточно, ставот е дека ако ти на „животното викано маж” му ставиш легална курва пред фаца, толку од сите твои долгогодишни напори да го задржиш дома. Отиде он.

Добро, со кого се мажите бе вие?

И сега, каква врска имаат јавните куќи со наставничката?

Никаква. Ама се провлекува истата нишка на „заштитете си го бракот од вештици што ви се мешаат”, божем, кога наставничкава ќе ја пушти магијата на најјако, ќор маж нема да остане верен, не од што е мажот неверен, туку ОД НЕА МУ Е!

Демек, верен си е он, многу добар човек е, ама ете, она го „заведе во нејзините курвински игри” и што да прави сега човекот?!

Зошто е ова проблем: наставничката и не е баш крива. Наставничката е слободна жена и може да спие со 20 души одеднаш ако сака, тоа не е наш проблем. Проблем настанува кога ќе се умеша во брак, но! Можеби е тешко да се скопча ова, да се свари, да се преспие, па да се сфати:

Вашиот е крив.

Проблемот е што вината не се бара во партнерот, туку директно се повикува (и се практикува) лов на вештерки, а притоа се иззема вината од кутриот партнер, неспособен да се одбрани од магијата што директно од меѓуножјето му ја фрла некоја наставничка.

Може и не е фер она, што се меша во нечија врска. Оставаме тоа да си го решите приватно. Ама глумење алтруизам преточен во „само сакам да спасам нечиј брак”, а притоа вртење глава кога треба да се соочиш со предавството од сопствениот партнер? Или можеби, треба да сфатиме дека бракот се спасува исклучиво ако отвориш 17 пара очи и како бодигард го следиш и чуваш сопругот од вакви безобразни лисици, од кои нема капацитет да се спаси?

Наставничката нема никаква обврска кон вас. Ама сопругот има. Кој е покрив, тогаш?

Патем, живо нè занима: И пријателот ли да го жалиме?

Изгледа да. Затоа што она е „ороспијата”, он е само греота, му пропаднал бракот.

Или, како што ќе каже Ведрана Рудан:

„Жена на жена ѝ е жена.”

26 декември 2019 - 11:58