Зошто мажите не сфаќаат што им е привлечно на жените

„Мажите ги гледаат жените, а жените гледаат како некој друг ги гледа,“ е хипотезата на уметничкиот критичар Џон Бергер од 1972. Оттогаш, теоријата за машкиот поглед се дискутира и сецира безброј пати: од филмски теоретичари, до илустратори со критика за објективизацијата на жената од страна на општеството. Но, што се случува кога жените гледаат мажи?

Ако машкиот поглед се задржува на најсензуалните делови од женското тело - кривината од колкот до струкот, деколтето - каде се задржува женскиот поглед? Што гледаат жените кога ќе погледнат маж? Тори Телфер во 2018 во Vulture изнесе едноставен одговор:

„Женскиот поглед ги гледа луѓето како луѓе.“

Идејата дека жените ги гледаат мажите како луѓе - не предмети - е во моментов и низ цел ТикТок. Апликацијата почнува да врие од видеа од мажи кои бараат фидбек за нивните профили на мрежи за лични контакти, и многумина прашуваат зошто сликите каде што изгледаат „конвенционално атрактивно“ не поминуваат добро. Жените во коментарите веднаш им посочуваат дека не се фокусираат на изгледот на партнерот, како што тоа го прават мажите.

Др. Клер Харт, професорка по Социјална психологија и психологија на личност на универзитетот во Саутемптон, кажува дека жените не судат на содржината на фотографиите, туку и на импликациите. „Истражувањата покажуваат дека жените (па и мажите) ги сметаат пропорционалните, мускулести мажи за атрактивни. Еволуциски, знаците на физичка сила се поврзани со зголемени шанси за преживување,“ вели таа.

„Но, без да знаеме многу повеќе за таа личност, освен тоа што ни е презентирано на нивниот профил, одредени атрибути можеме да ги преведеме во нешто негативно. На пример, колку време посветуваат на тие мускули? Ќе го прават ли тоа на сметка на поминување време со нас Дали имаат нарцисистички тенденции? Се случува да не се ни обидуваме да откриеме.“

Ова нѐ враќа назад до идејата на Телфер, дека жените гледаат луѓе. Наместо да се задржуваат на пожелноста на машките мускули - колку сака нека се спремни - жените имаат тенденција да размислат каков тип на човек е тој што си прави по 15 селфиња во огледало со разголени стомачни мускули.

Добро, ама дали ќе го гледаме „Love Actually“, ме интересира?

Еден од поважните коментари на овој ТикТок тренд го дава една 23-годишна студентка. Вели,

„Причината што не ти пишуваат многу жени, а си така физички спремен, е што се раководиш според идејата за машката фантазија за моќ, не според женскиот поглед. Вистината е дека на мажите им е многу важна естетиката кај партнерот, но жените не се бават многу со тоа.“

Додава и дека,

„Мажите имаат тенденција да ја вреднуваат моќта, силата и хипермашкоста, па според тоа претпоставуваат дека и на жените тие работи ќе им бидат атрактивни - само затоа што мажите им даваат вредност. А жените едноставно помалку се фокусираат на изглед и многу повеќе на емоционалната интелигенција и колку е некој маж љубезен.“

Др. Харт ова го потврдува - жените се помалку естетски-фокусирани - и објаснува дека оваа идеја е подржана и од истражувања на човечката еволуција.

„Повеќето еволуциски теории се согласуваат дека и двата пола ги проценуваат партнерите внимателно, но различни нешта ги мотивираат. Машкиот критериум е да избере жена заради плодноста. Атрактивноста го одредува тој статус - младост, облини, форма на тело и слично.

Женската инвестиција е посуштинска. Најдобра шанса за репродуктивен успех има ако го осигура преживувањето на скапото потомство. Оптималната стратегија на женката е да биде селективна во изборот и да побара посветен партнер.“

Изглегува дека, делумно, ова разидување околу тоа што мажите мислат дека жените сакаат и што жените всушност сакаат, потекнува од фактот дека многу мажи се мачат да ја замислат женската перспектива во било кој контекст. Тоа не е само одговор зошто апликациите за лични контакти се преплавени со селфи во теретана, туку и зошто толку многу мажи се шокирани и не им се верува кога ќе дознаат дека 97% од младите жени искусиле сексуално малтретирање. Ова се можеби два екстремни примери, но симптоматски се за поширок општествен проблем: хроничен недостаток на емпатија кон жените.

Клер вели, „Можеби, доколку повеќе жени ги раскажат своите приказни и го споделат својот поглед во медиумите, општеството како целина ќе тргне кон поголема емпатија кон жените.“

10 август 2021 - 13:17