Зошто Иан Сон е шеф на годината

Немојте да мислите дека треба да го знаете името. Иан Сон е обичен тип, директор во дигитална агенција во Чикаго. Но, не значи дека не треба од пред некој ден веќе сите да го знаат или дека не треба да очекуваме книга „како се води фирма” од него.

Причината? Ликот сфатил како точно се работи со луѓе, особено кога си им претпоставен. Што значи да имаш луѓе под тебе и што значи да не се истрауматизирани од тоа што го работат.

А живееме во време кога од вработените се очекува да мислат на работа од сабајле до вечер, па и во сон, па секогаш да бидат достапни - и баш затоа барањата на Сон се радикални во однос на нивната емпатичност.

Преводот подоле:

„Не морам да знам дека ќе бидеш онлајн после вечера.

Не морам да знам зошто си решил да гледаш прва сезона од Arrested Development по четврти пат во авион, наместо да одговараш на мејлови.

Не морам да знам дека ќе касниш затоа што си на забар.

Или дека ќе си одиш порано затоа што детето има натпревар.

Не морам да знам зошто не сакаш да патуваш во недела.

Не морам да знам зошто не сакаш да вечераш со мене кога ќе дојдам во твојот град во вторник навечер.

Не морам да знам дека работиш од дома денес, затоа што едноставно ти треба тишина.

Мразам што вака го инфантилизираме работното место. Што мора да се извинуваме што имаме животи. Што не им веруваме доволно на возрасни луѓе дека можат да донесат правилни одлуки. Што постојана достапност е вреднувана вештина.”

Како измислен, бе.

„Еднакво сум благодарен за довербата и почитта од моите колеги, шефови и тимови. Пред години, еден постар колега реагираше со неверување што не можам да летам во 5 до 12 затоа што децата беа кај мене (самохран, разведен татко сум). Не се чувствував ни најмалку виновен, што многу му пречеше на колегата. Но сепак беше ужасно. Не би сакал никој да се чувствува ужасно што е човек.”

Ако некој се појави наскоро и пише „ова беше социјален експеримент, да испитаме нешто” ич нема да бидеме изненадени. Во меѓувреме, читајте. Можеби некогаш ќе дојдете на ваква позиција, па ќе знаете како.

Со тоа што, има мал дисклејмер: тешко ова кај нас. Неверојатно е колку многу деца може да има човек за носење на англиски и земање од школо кога ќе му дозволиш да прави што ќе му падне на памет.

3 јуни 2019 - 00:00