
Тврдењето е дека Инстаграм комплетно ја промашува поентата на читањето. Анабел Нугент од Индепендент смета дека само ќе го влоши феноменот book signalling - перформативно читање и создавање слика дека си начитан, умен и (по)длабок (отколку што си).
„Никогаш не било полесно да се пофалиш дека си ја прочитал Улис,“ вели таа во негодувачката колумна.
Книги како Yesteryear и Famesick се веќе симболи - ако ги читаш во јавност, на сите им кажуваш дека си во тек со духот на времето и дека „учествуваш“.
Факт е дека и локално, баш кај нас, се случувало луѓе да влезат во книжарница, да сликаат корица од книга, да не ја купат и после тоа да си ја закачат на Фејсбук, да се пофалат што „читаат“. Иако вчера научиле дека е дозволено да се чита и надвор од задолжителните лектири од основно, виделе дека се зборува за читање, дека некои луѓе што ним им се допаѓаат читаат, виделе дека звучиш попаметно ако (кажеш дека) читаш...
Од таму е и стравот - дека ако е модерно читањето, ќе има и такви што ќе лажат дека читаат.
Ама, што е решението според овие мрчатори што опасно се приближуваат кон елитисти?
Да не биде тренд читањето?
Да го угушиме пред да се разгори, за да... што?
За да нема такви што ќе лажат дека читаат?
Па, заради тие што ќе лажат, ќе има и такви што стварно ќе се излажат, па стварно ќе се расчитаат.
Кај е проблемот? Што е следно, кампања „Книга - не благодарам“? Да не се расипе младината, да не се разлаже многу, кај ќе ѝ биде крајот.
Не ја промашува Инстаграм поентата, туку дежурните „rđavom kurcu...“
Затоа, кога ќе ви ја појави Инстаграм опцијата да си напишете што читате во моментов, искористете ја. Кажете ни што читате, дајте да видиме, еве, излажете ако треба.
Нека отече Инстаграм од наслови и препораки и лажги.
Камо најголемиот проблем да биде „аман више, сите зборат за книги, не се трпи“.
Ќе се снајдеме.