Знаевте за серискиот убиец што глуми во „Егзорцист“?

„Егзорцист“ нема страшно само во дејствието - еден куп приказни се плетат околу снимањето на филмот - чудни несреќи и настани на сет, Елен Бурстин со повреда на грбот, на учесниците им гинат блиски; толку станало лошо, што на крај викнале свештеник и на целата продукција да изведе егзорцизам.

Некои од приказниве се вистински, некои се „правење филмови“, ама еден од најстрашните (и вистински) детали е фактот што во филмот се појавува реален сериски убиец, осуден за едно убиство, но најверојатно со уште неколку во резиме.

Пол Бејтсон работел како радиолошки техничар во болницата каде што е снимена сцената каде на Реган ѝ прават операција. Барајќи реализам, Фридкин искористил вистински невропсихијатар-хирург, заедно со неговиот тим за снимање. Асистентот на хирургот е токму Пол Бејтсон, кој шест години по снимањето ќе се најде во сред многу поинаков хорор од оној што е прикажан на филмот.

Бејтсон е уапсен во март, 1979 за убиство на филмскиот критичар Адисон Верил. Според неговото сведочење, се запознал со Верил во геј бар во Гринич Вилиџ и се вратиле во станот на Верил, каде што имале секс. Бејтсон му го скршил черепот на Верил со железна тава и повеќе пати го избодел. Никогаш не дал мотив. Додека чекал судење, почнал да се фали и за други убиства што ги извршил - дека собирал геј мажи и ги убивал „за забава“, дека им ги сечел телата на парчиња и ги ставал во пластични кеси за ѓубре, па ги фрлал во реката Хадсон.

Во 1977 и 1978, ЛГБТ заедницата на Њујорк ја тероризираат серија брутални убиства, во кои се наоѓаат машки тела во Хадсон искасапени и исечени, во кеси, исто како што подоцна опишувал Бејтсон. Состојбата на телата не дозволувала идентификација, но парчиња облека и тетоважи ѝ помогнале на полицијата да ги поврзе телата со ЛГБТ заедницата во градот.

Пронајдени се најмалку шест такви тела, иако се смета дека може да има уште жртви. Убиствата ги викаат „убиства во вреќа“, до моментот кога е уапсен Пол Бејтсон.

Кога Вилијам Фридкин дознал дека е можно да имал убиец на сет, отишол да го посети во затвор. После тоа интервју, Фридкин почнува со режија на филмот „Крузинг“ со Ал Пачино како прикриен полицаец кој треба да открие убиец што таргетира геј мажи, на многу сличен начин како „убиствата во вреќа“. Се смета дека Бејтсон бил и непријавен консултант за филмот.

Иако полицијата му верувала на Бејтсон, немало доволно физички докази што го врзувале со убиствата, па осуден е само за убиството на Адисон Верил. Осуден бил на 20 години во затвор и ослободен во 2004. Сега се смета дека живее некаде во (државата) Њујорк.

20 јули 2020 - 13:30