Што се случуваше:

Златните глобуси, црните фустани и црвениот тепих

Од прилика вака би се сумирал настанот – доделување на Златни глобуси, одамна најавуван како еден од поважните што се случиле и ќе се случат – највеќе затоа што неколку месеци пред него, светот дозна дека Харви Вајнстин е манијак, па отвори досега невидена (и холивудска) Пандорина кутија. Што имаше на црвениот тепих овој пат?

Осум актерки пристигнаа со осум активистки

Мишел Вилијамс, Сузан Сарандон, Мерил Стрип, Шејлин Вудли, Ејми Полер, Ема Стоун и феминистичкиот еквивалент на веган - Ема Вотсон, дадоа една политичка порака со нивната придружба. Секоја од нив како актерка и членка на иницијативата Time’s Up, за придружничка имаше активистка за полова и расна правда, вклучувајќи ја и иницијаторката на #MeToo, Тарана Бурк и Били Џин Кинг, тенисерката што ја основа Женската тениска асоцијација. Сите заедно изјавија дека се надеваат дека нивното присуство на „Златните глобуси” ќе го пренасочи вниманието од малтретирачите - на жртвите: „Веруваме дека сме блиску до една точка на трансформирање на културата на насилство во земјите во кои живееме и работиме. Ова е момент да се трансформираат и пишаните и непишаните правила кои ја нарушуваат вредноста на животите и искуствата на жените.”

Се рашири хаштагот #whywewearblack

Жените, без разлика на изборот на облека – организирано носеа црно заради подигање свест за сите жртви на насилство, а сепак се појави и една од повлијателните во црвено и златно.

Претседателката на Холивудската асоцијација за печат, Мехер Татна реши да не го испочитува кодот, туку мајка ѝ: „Во Мумбаи кога се слави, не се носи црно. Мајка ми ќе ме гледа и ќе се потресе ако сум облечена во црно. И ова е заради нејзе.”

Е! Го изеде стапот

Славните личности не пропуштија да ги потсетат презентерите на Е!, Џулијана Рансик и Рајан Сикрест за разликата во платите на мажите и жените вработени кај нив, и третманот за извесна Кет Садлер, долгогодишна водителка која ја напушти телевизијата откако дозна дека нејзиниот колега и водител има скоро двојно поголема плата од нејзината – за истата позиција.

„Истече времето,” ѝ рече Дебра Месинг на Рансик, „сакаме разноликост, сакаме еднакви примања. Се шокирав кога дознав дека Е! не ги плаќа водителките колку водителите. Ми недостасува Кет Садлер. И затоа ја поддржуваме. Ова е нешто што може уште утре да се смени.” И Сара Џесика Паркер и Ева Лонгорија гласно ја поддржаа Садлер, наместо да одговараат вообичаени прашања.

Опра растури со говорот

Опра ја прифати наградата за животно дело и оддржа возбудлив говор кој ја крена публиката на нозе. „Предолго не се слушаа и не им се веруваше на жените, ако се осмелеа да ја кажат нивната вистина поради моќта на тие мажи. Но нивното време истече.” Пред втората од трите овации, рече: „Сакам сите девојки што гледаат во моментов да знаат дека ќе дојде нов ден! И дека кога конечно ќе се раздени, и тоа ќе биде поради многуте величествени жени, од кои има и вечерва присутни, а и некои феноменални мажи, кои се борат за тие да станат водачи кои ќе нè однесат во време кога никој нема да мора да каже „И јас исто.”

„Холивудските слугинки” имаа свој протест на црвениот тепих

Пред хотелот Беверли Хилтон, група жени се појавија облечени во слугинки од „Приказната за слугинката”, со знак со порака „Нема веќе тишина” и хаштаг #hollywoodhandmaids, кој брзо влезе во трендинг, заедно со #TIMESUP. А не им е прв пат да влезат на овој начин во кампања за родова еднаквост – во јуни исто се појавија да протестираат против прекинот на фондови за американските институции за планирање семејство.

Натали Портман го даде најубитачниот коментар

Ги претстави номинираните за најдобар режисер и рече, „А сега, исклучиво машките номинирани,” па шеретски се насмевна.

Како некои новинари реагираа на целиот настан? The Cut однапред си разви дискусија и си донесе заклучок тука.

9 јануари 2018 - 02:34